Може ли голманот што ја предизвика смртта на Мигел да оди во затвор?

Точка

03/11/2026

15:41

2.250

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот и светскиот спорт ги шокираше веста за смртта на 30-годишниот напаѓач на Тенерифе, Хесус де Мигел. Тој починал во Универзитетската болница Нуестра Сењора де Канделарија од последиците од тежок судир со противничкиот голман за време на натпревар.

Трагедијата се случила на натпреварот од 12. коло на шпанската втора лига меѓу Тенерифе и Андора. Средбата била прекината во судиското надополнување откако гостинскиот голман Хесус Овоно, при истрчување, скокнал со подигнато колено и го удрил Де Мигел во градите.

Напаѓачот на теренот доживеал срцев застој, а подоцна починал во болницата поради тешки невролошки оштетувања.

Додека клубови како Реал Мадрид, Барселона и Атлетико испраќаат изрази на сочувство, на социјалните мрежи следуваа бројни реакции од навивачите. Во јавноста се отвори и прашањето дали во овој случај постои кривична одговорност.

Голманот на Андора, Хесус Овоно, се најде на мета на остри критики. Неговиот потег многумина го опишуваат како непотребно брутален и опасен, а на социјалните мрежи се појавија повици за негово доживотно исклучување од фудбалот.

„Ова нема врска со фудбалот. Овоно тргна да го уништи играчот, а не да ја освои топката“, гласи еден од коментарите на платформата „X“.

Иако судирите меѓу играчите се дел од фудбалот, шпанските правни експерти истакнуваат дека овој случај би можел да добие судска завршница. Доколку јавното обвинителство процени дека Овоно постапил со груба небрежност и свесно презел ризик што ги надминува спортските правила, би можел кривично да биде гонет за убиство од небрежност или за нанесување тешки телесни повреди со смртна последица.

Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) и полицијата започнале истрага. Се анализираат официјалните записници и видеоснимките за да се утврдат интензитетот и намерата на стартот.

Дел од јавноста посочува дека Овоно сигурно немал намера да го усмрти колегата и дека минува низ тешка психолошка траума, но преовладува ставот дека неговата одговорност мора да се утврди.

За судбината на Хесус Овоно сега ќе одлучува шпанското правосудство.