Преку намалување на заканите долж преселните патишта до сигурен опстанок на египетскиот мршојадец: Нов меѓународен проект со учество на Македонското еколошко друштво

Макфакс

05/11/2026

09:40

170

Големина на фонт

а а а

Со цел да придонесе кон закрепнувањето на една од најзагрозените птици грабливки во Европа, во следните 5 години Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе учествува во новиот меѓународен проект „Безбедно враќање на египетскиот мршојадец“ (LIFE EV Safe Return), кофинансиран преку Програмата „Лајф“ на Европската Унија.

Покрај МЕД, во зајакнувањето на заштитата на местата за размножување, преселните патишта и областите на презимување на овој вид ќе се вклучат уште 14 партнерски институции и организации од Европа, Блискиот Исток и Африка, под водство и координација на Бугарското друштво за заштита на птиците. Секоја есен, египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus), кај нас уште познат и како кања, го напушта Балканскиот Полуостров и патува повеќе од 5.000 километри до местата на презимување во Африка. На патот до таму наидува на бројни закани, меѓу кои најсериозни се нелегалните отровни мамки, криволовот и струјните удари при контакт со небезбедни далноводи. Мерките за намалување на сите овие ризици ќе им користат и на многу други птици-преселници кои ги користат истите патишта, поради што египетскиот мршојадец може да послужи како закрилен вид за зачувување на преселните видови птици.

Египетскиот мршојадец некогаш бил широко распространет низ целиот Балкан, а денес се евидентирани околу 50 гнездечки парови низ Северна Македонија, Бугарија, Грција и Албанија. Кај нас има околу 10 гнездечки парови, кои гнездат во Демиркаписката Клисура, Тиквешкиот регион, Мариово, долината на Брегалница и други непристапни локации. По повеќе од три децении опаѓање, балканската популација покажува знаци на стабилизација во последниве години, особено во Бугарија каде што нивната бројност е во пораст. Овој напредок ја одразува долготрајната соработка помеѓу организациите за заштита на птиците, институциите и локалните заедници.

„Овој проект е следниот чекор во долгорочната програма за зачувување на видот. Програмата, која ќе трае до 2031 година, ќе се темели на ефективни мерки за зачувување, ќе го прошири нивниот географски опсег и ќе воведе иновативни пристапи. Како партнерска организација во проектот, МЕД ќе ја следи бројноста на кањите во Македонија, ќе работи на идентификација и елиминирање на директните закани, ќе ги зацврстува врските со локалното население и ќе го вклучува во напорите за заштита. Исто така, ќе придонесе кон зачувување на традиционалните сточарски практики од кои зависи овој вид и ќе ги гради капацитетите за спроведување идни мерки со цел зајакнување на овдешната популација“, вели Методија Велевски, орнитолог и програмски директор на МЕД.

Во фокусот ќе бидат спречувањето на труењето со диви животни, намалувањето на ризикот од електричен удар, справувањето со криволовот и обезбедувањето безбедна храна и брзи реакции при инциденти. Во Африка, особено внимание ќе се посвети на соработката со водачите на заедниците и практичарите на традиционалната „медицина“ за да се намали убивањето на мршојадците заснован врз тамошните верски уверувања. Во Бугарија и Грција, пак, најмалку 40 египетски мршојадци одгледувани во европските зоолошки градини или спасени од дивината ќе бидат пуштени во дивината и мониторирани со ГПС-предаватели.

Долгорочното закрепнување на египетскиот мршојадец зависи и од локалните заедници. Токму затоа, преку проектот ќе се работи и со сточари, ловци, чувари, доктори по ветеринарна медицина и локални власти. Активностите за подигнување на свеста предвидуваат и образовани програми во пет земји со опфат на над 4.000 ученици, наставници и млади природозаштитници.

Партнерскиот придонес на МЕД во овој нов проект ги надополнува и надградува нашите претходни и тековни напори за зачувување на египетскиот мршојадец, вклучително и преку проектите БалканДетокс (LIFE19 GIE/NL/001016) за спречување на труењето на дивите животни и Egyptian Vulture New LIFE (LIFE16 NAT/BG/000874) за зајакнување на балканската популација на египетскиот мршојадец. Токму овој вид, заедно со царскиот орел, е во фокусот и на тековниот меѓународен проект „Безбедни жици за загрозени птици“ (101216021 — LIFE24-NAT-BG-EP for Birds LIFE) преку кој МЕД, заедно со ЕВН Македонија и со партнери од Турција и Бугарија, работи на намалување на ризиците од струен удар и судир со постојната енергетска инфраструктура.

За проектот

Проектот „Безбедно враќање на египетскиот мршојадец“ (LIFE25-NAT-BG-LIFE EV Safe Return) е координиран од Бугарското друштво за заштита на птиците, во партнерство со „Зелени Балкани“, Брдлајф Европа и Централна Азија, Агенцијата за природна средина и климатски промени, Друштвото за заштита на птиците од Тракија, Грчкото орнитолошко друштво, Македонското еколошко друштво, Здружението за заштита и зачувување на природната средина во Албанија, Албанското орнитолошко друштво, DOĞA (Турција), „Сахара Конзервејшн“, Брдлајф Африка и Нигериската фондација за зачувување. Зоолошката градина во Софија и Зоолошката градина во Прага се придружни партнери. Проектот е кофинансиран од програмата „Лајф“ на Европската Унија.