Од 5 ноември ќе се врши исплата на средства за граѓаните без платежни картички во главната филијала во Битола на „АЛТА банка“ АД Битола

Макфакс

04/11/2026

10:32

422

Големина на фонт

а а а

Од 5 ноември 2026 година, граѓаните без платежни картички кои имаат сметки во Алта банка ќе можат да ги подигнат своите средства во главната филијала во Битола. Исплатата ќе биде достапна особено за пензионерите и примателите на социјална помош, а процесот ќе биде организиран со цел да се избегнат гужви и непотребно чекање.

Народната банка ги известува граѓаните кои имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, а немаат платежни картички, дека од четврток, 5 ноември, 2026 година, ќе започне подигањето средства од шалтерите во главната филијала на банката во Битола.

За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола. Исплатата ќе биде достапна за граѓаните, а особено за пензионерите и примателите на социјална помош, кои средствата ги добиваат преку платежни сметки во банката, но немаат платежни картички, соопшти НБРМ.


Граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, што е максималниот износ дозволен за повлекување во период од две недели.

„Од 6 ноември, вклучително и сабота 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.

Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање.


За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, при што нема да се вршат други видови трансакции.

Се работи на подготовка за отворање на шалтерите за пензионери и приматели на социјална помош и во други градови во земјата, за што Народната банка наскоро ќе извести“, известија од НБРМ.