Иницијативата „Ниту една повеќе“ организира протест против фемицидите и институционалното насилство во Скопје. Активистите ги критикуваат институциите поради непостапување и бараат конкретна одговорност и промени во законите за заштита на жените.
Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ составена од група активистки и активисти, организира протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста во недела (08.11), со почеток во 12:00 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје.
Според активистите на оваа иницијатива, последниот случај на фемицид во Богданци каде беше убиена седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од нејзиниот партнер повторно покажа институционално непостапување, непрофесионалност, негрижа, слаби и задоцнети реакции и никаква заштита на жените и девојките во нашата држава.
„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва.
Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?
По секој фемицид слушаме исти ветувања, исти оправдувања и исти институционални соопштенија. Жените продолжуваат да бидат убивани“.
Од таму додаваат дека државата која не успева да ги заштити жените од насилство истовремено го брише родот, родовата еднаквост и сексуланоста од законите и политиките.
„Наместо заштита и одговорнот, добиваме политички пресметки со родовата еднаквост и молк.
Не прифаќаме институционалното непостапување да се нормализира, ниту убиствата на жени да се третираат како изолирани трагедии и љубовни драми“.
Протестниот марш, според најавеното, ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда и ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност. Бараме: 1. Целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана и одговорост за секој институционален пропуст. Јавноста мора да знае: кој постапил, кој не постапил и зошто заштитата изостанала.
2.Итно поднесување на измените на пакетот на закони и усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство поднесени во Собрание во август. Доста со чување на законските измени во фиока додека жените плаќаат со својот живот.
3. Итно враќање на поимот род во сите закони, упатства и програми од кои е избришан. Бришењето на зборот не го брише родово базираното насилство – напротив, ја поткопува борбата против него.
4. Разрешување од јавни функции и раководни позиции на сите што повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат или го нормализираат насилството врз нив. Со нашите пари не смеат да се плаќаат оние што ја поткопуваат нашата безбедност и слобода.
Политичките партии имаат свои канали и институционални механизми – нека ги искористат за да ги исполнат нашите барања. Овој протест е граѓански и не е простор за партиска промоција. Партиски претставници, обележја, знамиња и настапи не се добредојдени“.
















