Можно е граѓаните да се соочат со привремени прекини или ограничена достапност на дел од банкарските услуги во текот на претстојниот викенд. Ограничувањата, пред сè, може да ги опфатат платежните трансакции, поради планирани технички активности што ќе ги спроведуваат сите банки во земјава.
Како што информира Македонската банкарска асоцијација (МБА), станува збор за системски прилагодувања со кои банките се подготвуваат за воведување на новите стандарди во денарскиот платен промет, чија примена започнува од понеделник, 9 ноември.

Промените се однесуваат на начинот на пополнување и обработка на платните налози, новите шифри за целта на плаќањето, како и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат. За да може новите правила да се применуваат непречено, банките ќе мора да извршат соодветни технички надградби и приспособувања на своите системи.
Од МБА посочуваат дека точните термини во кои ќе се спроведуваат активностите, како и услугите што привремено ќе бидат недостапни или со ограничена функционалност, ќе бидат дополнително објавени од секоја банка поединечно.
Граѓаните и компаниите се повикуваат навреме да се информираат преку официјалните канали на својата банка, особено доколку имаат плаќања што треба да ги реализираат во текот на викендот.
„Ги повикуваме граѓаните и компаниите редовно да ги следат официјалните комуникациски канали на својата банка и, доколку имаат плаќања што треба да ги извршат во овој период, да ги планираат навреме, согласно објавените информации“, препорачуваат од Македонската банкарска асоцијација.

Од Асоцијацијата дополнително појаснуваат дека постојните броеви на платежните сметки остануваат непроменети. Единствената разлика ќе биде во нивниот приказ и користење во ИБАН-форматот, за што приспособувањата во електронското и мобилното банкарство ќе ги извршат самите банки.
Воведувањето на новите стандарди е дел од процесот на модернизација на националниот платен промет, со цел усогласување на системите и поефикасно извршување на платежните трансакции.












