Максим Димитриевски, претседател на движењето ЗНАМ, истакна дека нема да има отстапки од баремениот став за полагање на правосудниот испит само на македонски јазик и дека Македонија не смее да прави еднострани отстапки без реципроцитет кон Бугарија, нагласувајќи важноста од заштита на државните интереси и идентитетот.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, во телевизиско гостување порача дека ЗНАМ нема да отстапи од ставот дека правосудниот испит се полага само на македонски јазик, ниту ќе прифати Македонија повторно да прави отстапки во однос на уставните измени. За овие прашања нема политички пазарења, нема импровизации и нема отстапување од државните интереси.
Во однос на правосудниот испит, Димитриевски беше дециден за црвените линии на ЗНАМ, бидејќи станува збор за прашање што ги надминува дневнополитичките интереси и директно го засега функционирањето на правосудниот систем и уставниот поредок на државата.
„Премиерот апсолутно го знае нашиот став. Подготвени сме за разговори, но ќе побарам лидерска средба со владините партнери за отворено да ги дефинираме црвените линии. Ова не е прашање за дневнополитичко надмудрување, туку прашање за иднината на државата и правосудниот систем. За ЗНАМ тука нема простор за импровизации и политички пазарења. Правосудниот испит ќе се полага само на македонски јазик“, истакна Димитриевски.
Говорејќи за уставните измени и европската интеграција, тој нагласи дека ЗНАМ не отстапува од својот предлог за одложено дејство на уставните амандмани, и дека Македонија не може постојано да прави отстапки без реципроцитет. Европската перспектива не смее да биде оправдување за еднострани отстапки на сметка на македонскиот јазик, идентитет и достоинство.
„Ставот на ЗНАМ е јасен. Предлогот за одложено дејство на уставните амандмани е на маса, но не може Македонија постојано да прави отстапки, а од другата страна да нема ниту еден чекор кон почитување на правата на Македонците. Постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Нека испочитуваат барем една од нив. Доста е Македонија да биде единствената страна од која постојано се бара да попушта. Ако сакаме да одиме напред, мора да има реципроцитет!“ порача Димитриевски.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија останува доследно на своите принципи и на одговорноста кон граѓаните и државата. Нашата европска иднина не смее да се гради врз уцени, двојни стандарди и постојано поместување на црвените линии. Македонија сака да биде дел од Европската Унија, но како достоинствена држава, со заштитен македонски јазик, идентитет и уставен поредок. За ЗНАМ, државните интереси не се предмет на компромис, туку обврска што мора да се брани!, се наведува во соопштението на ЗНАМ.












