Радовишанец заканувал по телефон на вработени во странска амбасада

Макфакс

07/11/2026

15:00

307

Големина на фонт

а а а

37-годишен жител од Радовиш бил пријавен и лишен од слобода поради телефонски закани упатени кон вработени во странска амбасада во Македонија. По судски предлог, тој е упатен на психијатриско посматрање.

СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против 37-годишниот Ѓ.Н. од Радовиш, осомничен за загрозување лица под меѓународна заштита, откако телефонски упатил сериозни закани кон вработени во амбасада на странска држава во Македонија.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 4 ноември 2026 година пријавениот телефонски се јавил во амбасадата и на странски јазик им се заканувал на вработените, загрозувајќи ја нивната сигурност.

Настанот бил пријавен во полиција наредниот ден, по што полициски службеници го пронашле и го лишиле од слобода Ѓ.Н. За време на службениот разговор, тој го признал делото.

„По поднесената пријава, а врз основа на предлог на јавен обвинител, судија од Основниот суд Струмица донел решение за негово упатување на психијатриско посматрање во соодветна здравствена установа“, соопшти МВР.