На северот од Финска се гради луксузно одморалиште, до кое пристап ќе имаат само богатите и славните. Десетици илјади евра ќе бидат потребни за престој во комплексот „Octola III“, чие отворање е закажано за почетокот на декември.
Гостите ќе имаат на располагање сауна, забавни зони и многу други содржини. Како што е најавено, заинтересираните ќе бидат ставени на листа на чекање, а пред пристигнувањето ќе се провери дали ги исполнуваат условите за престој, објавува „CNN“.

Џејн Хонканен, финската претприемачка зад проектот, предводи тим со искуство во градење ултралуксузни одморалишта кои, како што тврди, се толку ексклузивни што се недостапни дури и за одредени познати личности.
Локацијата на „Octola III“ со децении е таен воен објект, а Хонканен има намера да ја зачува неговата мистерија.
Имено, во педесеттите години од минатиот век, Финска воспостави база за радарски надзор во областа Енонтеки, со намера истовремено да го следи Советскиот Сојуз и да ги прислушкува своите западни соседи.

Низ шумата е изграден пристапен пат, а се инсталирани и приклучоци за електрична енергија и вода. На почетокот на 21 век, благодарение на технолошкиот напредок, базата станала непотребна.
Хонканен прва започнала со реновирање на постојната база, која денес го носи името „Aurora Radar Station“.
За да им се обезбеди на најексклузивните клиенти посебно ниво на приватност, Хонканен нема однапред да им ја открие точната локација на објектот. За време на нивниот престој, од нив ќе биде побарано да ги отстранат ознаките за геолокација од сите фотографии што ги објавуваат.

„Сакаме гости кои можат да ја ценат арктичката природа и да имаат соодветно животно искуство. Не сакаме ѕвезди од реалити шоуа. Ги одбив резервациите на продуцентската куќа на семејството Кардашијан затоа што луѓето од реалити телевизијата бараат нешто што ние не го сакаме“, изјавила Хонканен.


