Се роди нов европски тигар: Илјадници германски компании се селат таму, земјата стана европски шампион по економски раст

Супермен

05/11/2026

21:11

4.524

Големина на фонт

а а а

Додека Германија во последните години се соочува со слаб економски раст, Полска бележи значително подобри резултати и сè повеќе привлекува германски компании и работници. Некогаш сметана за посиромашен источен сосед, денес се профилира како една од најбрзорастечките европски економии.

Германскиот јавен сервис „АРД“, во репортажата на емисијата „Плусминус“ истражувал што стои зад економскиот подем на Полска и што би можела Германија да научи од својата соседна земја.

Разликата во економските резултати е видлива и во бројките. Додека германската економија во 2024 година била во рецесија, полската забележа раст од три отсто. Во 2025 година Германија оствари раст од само 0,2 отсто, додека Полска забележа забрзување на 3,6 отсто.


„Полска веќе 40 години е најбрзорастечката економија во Европа“, изјавил за „АРД“ Марчин Пјонтковски, економист од Универзитетот Козмински во Варшава, кој ја нарекува Полска новиот европски шампион во економски раст.

Економскиот раст на Полска привлекува и германски инвеститори. Околу 6.000 германски компании работат во Полска, каде што директно инвестирале приближно 50 милијарди евра.

Еден од примерите е германската компанија „Dr. Schumacher“, чие седиште сè уште се наоѓа во Хесен, но најголемиот дел од производството се одвива во полскиот град Лубањ. Таму околу 1.200 вработени произведуваат до 500 милиони пакувања влажни и дезинфекциски марамчиња за светски познати брендови.


Директорот на компанијата, Пол Станек, како една од клучните предности на работењето во Полска ја истакнал брзината на администрацијата. Доколку на компанијата ѝ треба нов магацин, постапката, според него, мора да може да се заврши во рок од една до година и пол, наместо да се чека три години за добивање дозволи. Тој додал дека во Полска компаниите можат да работат со значително поголема конкурентност отколку во Германија.

Пјонтковски смета дека инвеститорите повеќе не ги привлекуваат само пониските плати, туку и квалитетот на работната сила и високата мотивираност на вработените.

Според неговите податоци, просечниот приход по жител во Полска од 1990 година досега речиси се зголемил четирикратно, додека во Германија во истиот период пораснал за половина. Полјаците, според неговите зборови, статистички работат и до 600 часа годишно повеќе од Германците.


Важен дел од полскиот економски модел се и даночните олеснувања. Вработените помлади од 26 години не плаќаат данок на доход за годишни приходи до приближно 20.000 евра.

Според Пјонтковски, ваквата политика е една од причините поради кои Полска денес има една од трите најниски стапки на невработеност во Европската Унија.

Полска разгледува и дополнително намалување на даночното оптоварување за семејствата со најмалку две деца. Според предлог-законот, семејниот приход би можел да биде ослободен од данок до приближно 65.000 евра годишно, доколку двајцата родители работат и заработуваат подеднакво.

Даночни олеснувања постојат и при купување недвижности. Како што објаснил агентот за недвижности Дејвид Лис за „АРД“, купувачите кои за првпат стекнуваат недвижен имот се ослободени од данокот на пренос на сопственост, што им го олеснува купувањето на првиот дом на младите семејства.


Промените се одразуваат и врз миграциските движења. Според податоците наведени во репортажата, во текот на 2024 година од Германија во Полска се преселиле речиси 91.000 луѓе, додека во спротивна насока заминале околу 82.000. Така, Германија за само една година забележала нето-загуба од приближно 9.000 луѓе во миграцијата кон Полска.

Меѓу оние кои се вратиле во Полска е и Јоана Столарек, која претходно 30 години живеела во Берлин, а сега работи во Варшава.

Како една од причините за враќањето ги навела даночните олеснувања. Според нејзините зборови, повратниците во период од четири години можат да остварат даночно ослободување од по 20.000 евра годишно.

Предноста на Полска не е само во даночните олеснувања. Имено земјата во голема мера ги дигитализирала административните постапки, па преку државна апликација можат да се извршуваат работи како идентификација во институции, банки и кај нотари, основање компании и отворање банкарски сметки.


Ларс Гутхајл, директор на германско-полската индустриска и трговска комора во Варшава, смета дека Полска е најмалку десет години пред Германија во дигитализацијата на јавната администрација. Според него, поголемиот дел од административните постапки можат целосно да се завршат дигитално.

Освен тоа значително е забрзана и изградбата на инфраструктурата. Полска во последните две децении ја проширила мрежата на брзи патишта за повеќе од 4.000 километри.

Една од причините за побрзата реализација на проектите е поинаквиот модел на јавни набавки: со една постапка се договараат и проектирањето и изградбата, а изведувачот ја презема и обврската за обезбедување на потребните дозволи.

На тој начин, според Јенджеј Пужински од полската управа за патишта и автопатишта, дел од постапките можат да се одвиваат паралелно.


Земјата планира и изградба на голем воздушен транспортен центар меѓу Варшава и Лоѓ. Проектот е поврзан со целта до идниот аеродром од кој било дел на Полска да може да се стигне со воз за најмногу 100 минути. Поради тоа се модернизира и железничката инфраструктура.

Економскиот раст на Полска, според тоа, не се темели само на една мерка, туку на комбинација од инвестиции, даночни олеснувања, дигитализација и побрзи административни постапки.

Токму овие разлики, како што заклучува репортажата на „АРД“, го отвораат прашањето што би можела Германија да промени за повторно да ја зголеми својата конкурентност.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk