[ФОТО] Осум минути брутално насилство во загрепската болница: Се изживувале врз спортистот - го давеле со перница, го удирале и се смееле

Точка

10/11/2026

13:38

1.978

Големина на фонт

а а а

На родителите и сестрите во болницата им кажале дека починал од престанок на работата на срцето, што му било сомнително на семејството.

Снимка од надзорна камера од болницата во Загреб открила застрашувачки детали за последните моменти на поранешниот спортист Кристијан Јосип Периш. По насилничкото однесување на медицинските техничари и задушувањето со перница, четворица осомничени се уапсени.


Според официјалните информации од истрагата, Периш доброволно пристигнал во болницата, откако член на неговото семејство повикал помош. Меѓутоа, во ноќта меѓу 21 и 22 октомври ситуацијата ескалирала.

„Jutarnji list“ дошол до снимката од надзорната камера во собата 11а на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“.

На снимката се гледа дека главата на Кристијан Јосип Периш повеќе од осум минути е притисната со перница, како и дека двајца медицински техничари го притискаат поранешниот спортист со нозете.

Во еден момент во собата има дури десет лица, а на снимката се гледа и лекарка која разговара со некого на мобилен телефон, како и медицинска сестра која со шприц во десната рака се приближува до креветот.


Се гледа и моментот кога техничарот, кој се наоѓа од десната страна на креветот, кај главата, и го држи Периш со коленото притиснат за вратот, почнува да го удира со тупаница во пределот на градите.

Во 7:45 часот, младиот медицински техничар, кој се наоѓа над главата на Периш и претходно го удирал со тупаница, се смее и им зборува нешто на колегите, а потоа ја потпира тежината на своето тело врз главата на Периш.


Во 8:04 часот, техничарот ја трга перницата од главата на Периш и тогаш настанува паника бидејќи сфаќаат дека пациентот е во бессознание. Во 8:12 часот еден од медицинските работници започнува со масажа на срцето на пациентот. Се обидуваат да го реанимираат, а се гледа дека се вознемирени.

Прелиминарните наоди од обдукцијата утврдиле дека Периш има бројни крвни подливи на лицето и телото, гребнатини на кожата, скршени ребра и градна коска, како и едем на белите дробови и мозокот. Сепак, конечната причина за смртта сè уште не е утврдена. На родителите и сестрите во болницата им кажале дека починал од престанок на работата на срцето, што му било сомнително на семејството.


Лекарката им рекла дека на Кристијан му давале терапија, дека бил агресивен, дека го врзале и дека престанал да дише. Дежурната лекарка им го покажала телото на Кристијан, при што забележале сини траги околу вратот, рани под устата и траги од крв што претходно ги немало. Лекарката им рекла дека тоа е од интубацијата.

Загрепската полиција во саботата поднела кривична пријава до обвинителството и ги уапсила сите четворица техничари.


Како што пренесуваат хрватските медиуми, на првото сослушување тројца обвинети се бранеле со молчење, додека еден ја изнел својата одбрана. На сите четворица им е одреден едномесечен истражен притвор поради опасност дека на слобода би можеле да го повторат кривичното дело, да влијаат врз сведоците, како и поради особено тешките околности на случајот.