Стапката на невработеност во Франција изнесуваше 8,2 проценти во третиот квартал од 2026 година, што е пад од 0,1 процентен поен во споредба со претходниот квартал, според податоците објавени од Францускиот национален институт за статистика и економски истражувања (Insee).
Бројот на невработени во Франција кои активно бараат работа се намалил за 47.000 во споредба со претходниот квартал, на вкупно 2,6 милиони.

Благ пад на невработеноста во кварталот е забележан кај речиси сите возрасни групи, освен кај лицата над 50 години, каде што стапката се зголеми за 0,1 процентен поен, на 5,6 проценти, објавува „Фигаро“.
Стапката на невработеност кај младите луѓе на возраст од 15 до 24 години се намалила за 0,5 процентни поени, на 21 процент, додека кај лицата на возраст од 25 до 49 години се намалила за 0,2 процентни поени, на 7,3 проценти.
Според половата структура, стапката на невработеност кај жените се намали за 0,3 процентни поени, на 7,8 проценти, додека мало зголемување од 0,1 процентен поен, на 8,6 проценти, е забележано кај мажите.
Францускиот министер за труд Жан-Пјер Фаранду изјави дека пазарот на трудот покажува отпорност и покрај меѓународните и трговските тензии што ја оптоваруваат економијата, истакнувајќи дека компаниите продолжуваат да вработуваат дури и во тешки економски услови.

Сепак, на годишна основа, вкупната стапка на невработеност во Франција се зголемила за 0,4 процентни поени во споредба со третиот квартал од 2025 година.
Францускиот институт за економија (IFE) предвидува дека невработеноста би можела да се приближи до нивото од девет проценти до крајот на 2027 година.