[ФОТО] Пет станбени згради во Скопје повеќе од 19 часа без струја: Жителите револтирани од бавната интервенција на ЕВН

Точка

12/11/2026

10:33

1.726

Големина на фонт

а а а

Пет станбени згради во Скопје, кај „Мерцедес“ на улицата „Индустриска 1“, повеќе од 19 часа се без електрична енергија. Прекинот започнал вчера околу 13 часот, а жителите и утрово се без струја, без прецизна информација кога ќе биде отстранет дефектот.

Според жителите, проблемот бил пријавен во ЕВН веднаш по прекинот во средата, 11 ноември. И покрај тоа, интервенцијата се одвивала бавно, а во текот на денот добивале различни информации за причините за дефектот и времето потребно за негово отстранување.

Особено револтира податокот дека во 17:30 часот, четири и пол часа по прекинот, од контакт-центарот на ЕВН на една од станарките ѝ било соопштено дека сè уште се бара специјализирано мерно возило за лоцирање на оштетениот кабел.


Мерното возило пристигнало околу 18:20 часот, по што започнало лоцирањето на дефектот и ископувањето. Иако првичните информации биле дека снабдувањето ќе се нормализира околу 21 или 22 часот, тоа не се случило.

Во текот на ноќта било соопштено дека е откриен дополнителен дефект и дека нова екипа ќе ја продолжи санацијата следното утро.

Без греење и лифтови, загрижени и семејствата со мали деца

Повеќечасовниот прекин предизвикал сериозни проблеми за станарите. Дел од домаќинствата останале без греење, лифтовите не функционираат, а во една од зградите било забележано и нефункционално осветлување за итни излези.

Особено загрижува состојбата на семејствата со бебиња и мали деца, како и на повозрасните жители.


Без официјално известување, станарите бараат одговорност

Дополнителен револт предизвикува и недостигот на информации. На официјалната интернет-страница на Електродистрибуција за прекини во снабдувањето не е пронајдено известување за конкретниот дефект.

Жителите бараат официјално објаснување зошто интервенцијата трае толку долго, кога ќе биде воспоставено нормалното снабдување и дали можело да се реагира побрзо.

Дел од станарите најавуваат и колективен приговор до ЕВН и надлежните институции, барајќи да се утврди одговорноста за долгото чекање.

Заклучно со утринските часови во четврток, 12 ноември, петте станбени згради сè уште се без електрична енергија.