Шокантно признание на познатиот фудбалер: „Се уништив со дрога и алкохол“

Точка

12/11/2026

14:37

773

Големина на фонт

а а а

Сè почнало кога сфатил дека нема да оди на Светското првенство.

Некогаш ги тресеше мрежите низ Европа, освојуваше трофеи и беше еден од најубиствените напаѓачи во светот, а потоа животот му се претвори во пекол. Легендарниот бразилски фудбалер Марио Жардел ја отвори душата во разговор за италијанскиот весник „La Gazzetta dello Sport“ и откри низ каква животна драма поминал поради алкохолот, депресијата и кокаинот.

Фудбалерот кој своевремено важеше за еден од најдобрите голгетери во светот призна дека животот му тргнал надолу откако бразилскиот селектор Луис Фелипе Сколари не го повикал на Светското првенство во 2002 година.


„Ни денес не можам да разберам зошто Сколари не ме повика за Светското првенство во 2002 година. Бев меѓу петте најдобри центарфори во светот. Од тој момент, мојот живот беше готов: алкохол, депресија, кокаин. Бев на чекор до смртта поради предозирање“, призна Жардел.

Поранешниот напаѓач на Порто, Спортинг и Галатасарај раскажа дека по разочарувањето западнал во депресија, а семејните проблеми и разводот со првата сопруга му задале дополнителен удар.


„Почнав прекумерно да пијам. Да играм на Светско првенство беше мојот животен сон. Првата сопруга ме напушти, а имав и проблеми околу старателството над децата. Имав чувство дека сè ми се лизга од раце, но најлошото допрва доаѓаше.“

Особено потресен дел од неговата исповед е оној во кој раскажува како почнал да користи кокаин.


„Во летото 2003 година првпат пробав кокаин. Бев на одмор и знаев дека тогаш можам да го земам бидејќи немаше допинг-контроли. Ми се допадна. Ми даваше чувство дека сум жив и дека не сум депресивен. Еднаш не спиев цела недела. Потоа се предозирав и за малку ќе умрев. Пријателот што беше покрај мене ми го спаси животот. Тогаш го допрев дното“, раскажа Бразилецот.

Жардел откри и дека му било потребно многу време за да се врати на нормалниот живот. Со месеци разговарал со психијатри, а пресврт доживеал кога ја запознал својата втора сопруга Сандра.


„Со месеци разговарав со психијатри. Конечно успеав да се извлечам кога ја запознав Сандра. Таа ми помогна да ја сфатам смислата на животот и денес сум среќен“, рече поранешниот голгетер.