Вистинската убавина и добриот стил немаат рок на траење. Исто како и Кристи Тарлингтон. Некогашната кралица на гламурозните модни писти, едно од најпрепознатливите лица на златната ера на манекенството и муза на најголемите модни креатори, ни денес не мора многу да се труди за да привлече внимание.
Како и сите вистински икони, доволно е само да се појави. Без разлика дали е на црвениот килим, на улица или во некоја кампања, таа зрачи со истиот сјај како во деведесеттите години, кога била дел од неприкосновената елита на супермодели, а синоќа повторно го потсетила светот зошто нејзиното име засекогаш е запишано во историјата на модата.

Таа беше дел од елитната група гламурозни манекенки кои не само што го променија лицето на модната индустрија, туку и начинот на кој го доживуваме манекенството.

Да, тие рекламираа облека, но истовремено станаа светски ѕвезди, вистински институции и, на крајот на краиштата, супермодели во вистинската и целосна смисла на зборот.

Кристи Тарлингтон (57) отсекогаш поседувала нешто посебно: ненаметлива елеганција, природна убавина и смиреност, со кои и денес зрачи исто како во времето на нејзината најголема слава.
Токму затоа нејзиното синоќешно појавување на гала-вечерта во Музејот на модерна уметност во Њујорк било вистински мал спектакл.

На 18. годишен настан „MoMA Film Benefit“, организиран во чест на легендарниот режисер Стивен Спилберг, таа се појавила во друштво на својот сопруг, актерот Едвард Барнс, а нејзиниот изглед бил уште еден доказ дека некои жени едноставно не подлегнуваат на минливите трендови. Бидејќи, едноставно, и самите се безвременски.
За оваа пригода, славната манекенка избрала впечатлив фустан во црвено-црна комбинација, од актуелната есенска колекција на „Шанел“, модел „Look 51“, со потпис на Матје Блази и впечатливи дезени – маестрален спој на гламур и софистицираност, кој зрачи со карактер при секое движење.

По којзнае кој пат, таа докажала дека одамна ја пронашла сопствената формула за елеганција, во која се препознаваат самодовербата, искуството и безвременската женственост.

На истиот настан се појавиле и голем број холивудски ѕвезди, меѓу кои биле Кејт Бланшет, Мишел Фајфер, Емили Блант и Зои Салдана. Сепак, Кристи имала посебен статус – како супермодел без рок на траење, икона на стилот и вечна инспирација, но и како дама која успеала да ја задржи својата актуелност во светот на шоу-бизнисот, без потреба постојано да биде во центарот на вниманието.
Во јули, Кристи одбележала четири децении од својата прва насловна страница во списанието „Вог“. Гледајќи ја толку занесна и едноставно волшебна, тешко е да се поверува дека поминале толку многу години и дека веќе има две возрасни деца.
Една од ретките познати жени кои му одолеале на притисокот за вечна младост, односно на естетските корекции, и одлучиле да стареат природно и достоинствено, сè уште е многу барана во модната индустрија, а неодамна станала и заштитно лице на козметичкиот гигант „Ланком“.
„Оптимизмот е избор“, порача таа во рекламната кампања, насмеана и поубава од кога било, а таква била и синоќа.











