Кинески автомобили со италијански имиња: Се враќаат марките „Itala“ и „O.S.C.A.“
„Itala“ и „O.S.C.A.“ повторно се на пазарот, но наместо спортски автомобили, сега нудат СУВ модели развиени врз основа на кинески возила.
Зад нивното враќање стои италијанскиот претприемач Масимо Ди Ризио, познат по продажбата на кинески автомобили под марката „DR“.
„Itala“ е основана на почетокот на 20 век и била еден од пионерите на италијанската автомобилска индустрија. Нејзините модели учествувале на големи натпреварувања, но компанијата престанала да постои во 1934 година.

„O.S.C.A.“ ја основале браќата Мазерати во 1947 година, откако ја напуштиле компанијата што го носела нивното презиме. Произведувала мали спортски и тркачки автомобили, а престанала со работа во 1967 година.
Речиси шест децении подоцна, „O.S.C.A.“ се враќа со моделот „MT6“, кросовер базиран на кинескиот „Changan Uni-T“. „Italdesign“ значително го преработи неговиот изглед, вклучително и предниот и задниот дел, за автомобилот да добие поизразен спортски карактер.

„MT6“ е долг околу 4,52 метри, а го придвижува 1,5-литарски турбобензински мотор во комбинација со седумстепен автоматски менувач со двојно квачило.
Опремата вклучува 21-инчни бандажи, спортска суспензија, помоќни сопирачки и ентериер обложен со кожа и алкантара. Почетната цена во Италија изнесува 49.000 евра.
„Itala“ се враќа со моделот „35“, базиран на кинескиот „GAC Trumpchi GS3“. Овој СУВ е долг 4,41 метри и користи 1,5-литарски турбобензински мотор со 170 КС.

Силата се пренесува на предните тркала преку седумстепен автоматски менувач со двојно квачило.
„Itala 35“ нуди богата опрема, вклучувајќи 20-инчни бандажи, панорамски покрив, кожен ентериер и бројни системи за помош на возачот.
Цената почнува од 35.000 евра.
Промените, сепак, не се сведуваат само на замена на логото. Италијанските партнери учествуваат во дизајнот и во приспособувањето на суспензијата, сопирачките и ентериерот, а развојот го надгледува Роберто Федели, поранешен технички директор на „Ferrari“ и „Maserati“.

Ди Ризио планира да ја прошири понудата преку проектот „Historic Italian Brands“. За 2027 година е најавен и спортски автомобил на „O.S.C.A.“ со шестцилиндричен мотор и рачен менувач.
Останува да се види дали купувачите ќе ги прифатат автомобилите што носат историски италијански имиња, а во голема мера се потпираат на кинеска технологија.








