Прекинот на услугите на „Microsoft“ траеше повеќе од 24 часа: Што го предизвика глобалниот хаос и зошто штетата се проценува во милијарди

Точка

14/11/2026

09:39

855

Големина на фонт

а а а

„Microsoft“ утрово објави дека услугите на „Teams“, „Outlook“, „Copilot“ и другите апликации се целосно обновени. Со тоа заврши глобалниот прекин што повеќе од 24 часа им ја оневозможуваше онлајн комуникацијата на компании и државни институции низ светот.

„Ги завршивме активностите за отстранување на основната причина за инцидентот и ја вративме услугата за преостанатите засегнати корисници и региони“, соопшти компанијата.

Проблемите ги зафатија „Outlook“, „Microsoft Exchange Online“ и другите услуги поврзани со електронската пошта. Корисниците не можеа да испраќаат ниту да примаат пораки, да пристапат до алатката за вештачка интелигенција „Copilot“ или да се приклучат на однапред закажаните состаноци преку „Teams“.


Тешкотии беа забележани и кај услугите за споделување документи, управување со деловни податоци и заштита на електронската пошта.

Последиците се почувствуваа низ целиот свет. Во Соединетите Американски Држави, дел од градските управи ги повикаа граѓаните да ги контактираат телефонски бидејќи нивните онлајн услуги не функционираа.


Во Велика Британија, дел од граѓаните имаа тешкотии да добијат лекарски рецепти, а неколку полициски управи ги повикаа граѓаните да пријавуваат кривични дела и други инциденти телефонски наместо преку нивните веб-страници.

Во Хонгконг, прекинот им ја отежна работата на вработените во банкарскиот сектор, додека државните службеници во Јапонија мораа да прават хартиени копии од документите.

Меѓу погодените беа и судовите на Филипините, одделни железнички системи, како и училишта, судови и државни служби во Австралија.


Според процената на американскиот институт „Anderson Economic Group“, прекинот би можел да предизвика економски загуби од речиси седум милијарди долари поради намалената продуктивност.

Патрик Андерсон, претседател на институтот, проценува дека во четвртокот до 26 милиони корисници се соочиле со сериозни нарушувања во работењето, а во петокот таа бројка достигнала 51 милион.

Тој предупреди дека станува збор за првична процена и дека вкупната штета би можела дополнително да порасне.


„Microsoft“ потврди дека прекинот бил предизвикан од технички проблем поврзан со промени во мрежната инфраструктура, а не од сајбер-напад.

„Инцидентот го предизвика проблем што настанал при претходното зголемување на мрежниот капацитет, а се појавил по неодамнешната промена во мрежата“, соопшти компанијата.