АСЕАН и Кина без конечен договор за Јужнокинеското Море: Преговорите продолжуваат во 2027

Точка

15/11/2026

22:29

77

Големина на фонт

а а а

Лазаро соопшти дека има привремена согласност за околу 80 отсто од текстот. Сингапур догодина го презема претседателството и продолжувањето на разговорите за поморскиот кодекс.

АСЕАН и Кина сè уште не го финализирале кодексот на однесување за Јужнокинеското Море, иако е постигната привремена согласност за околу 80 отсто од нацрт-текстот. Тоа денеска, 15 ноември, во Манила го соопшти филипинската министерка за надворешни работи Марија Тереза Лазаро.

Разговорите ќе продолжат во 2027 година, под претседателството на Сингапур, објави Филипинската новинска агенција.

Тереза Лазаро и Каја Калас во Манила во јули 2026 — архивска фотографија

Тереза Лазаро и Каја Калас, Манила, 24 јули 2026. Кавер: претставници на АСЕАН и ЕУ, 22 јули 2026. Архивски фотографии. Фото: © European Union, 2026 / EC Audiovisual Service / FACTSTORY, Mark Cristino, CC BY 4.0.

Дел од прашањата остануваат отворени

Лазаро наведе дека е разрешено прашањето за врската меѓу идниот кодекс и Декларацијата за однесување од 2002 година. Декларацијата треба да биде неговата основа, а новиот документ да ги надгради нејзините принципи.

Предвидено е кодексот да служи и како платформа за практична поморска соработка и доброволни заеднички активности, во согласност со Конвенцијата на ОН за правото на морето.

Според Ројтерс, меѓу нерешените прашања останува дали кодексот ќе биде правно обврзувачки.

Филипинската министерка порача дека страните остануваат посветени на безбедноста на пловидбата, слободата на движење и спречувањето и управувањето со инциденти на море.