Бубрезите може да се оштетуваат без да забележите: Еден знак може да укаже на проблем

Точка

16/11/2026

16:58

611

Големина на фонт

а а а

Бубрежната болест во рана фаза најчесто не предизвикува никакви симптоми и обично се открива случајно. Еден од показателите што може да укажат на проблем е високиот крвен притисок.

Покачениот крвен притисок е еден од ретките знаци што можат да се измерат, бидејќи оштетените бубрези потешко го регулираат количеството сол и вода во организмот.

Според Американската национална фондација за бубрези (NKF), врската меѓу крвниот притисок и бубрезите е двонасочна. Високиот крвен притисок со текот на времето ги оштетува ситните крвни садови во бубрезите преку кои се филтрираат отпадните материи од крвта. Од друга страна, оштетените бубрези потешко ги исфрлаат вишокот сол и вода од организмот, а можат да испраќаат и сигнали што ги стеснуваат крвните садови, со што притисокот дополнително се покачува.

Затоа кај луѓето со хронична бубрежна болест почесто се јавува и таканаречената резистентна хипертензија, односно висок крвен притисок што тешко се става под контрола и покрај терапијата.


Болест што долго не боли

Американскиот Национален институт за дијабетес, дигестивни и бубрежни заболувања (NIDDK) наведува дека повеќето луѓе со висок крвен притисок немаат симптоми и дека хроничната бубрежна болест во рана фаза често поминува без предупредувачки знаци.

Високиот крвен притисок е втората најчеста причина за хронична бубрежна болест, а според податоците за САД, околу еден од пет возрасни со хипертензија има и бубрежно заболување. 

Британската Национална здравствена служба (NHS) наведува дека болеста во рана фаза најчесто се открива кога анализа на крвта или урината, направена од друга причина, ќе покаже дека бубрезите не функционираат правилно. 

Симптомите најчесто се јавуваат дури во подоцнежна фаза на болеста. Меѓу нив се замор, отекување на глуждовите, стапалата или дланките, отежнато дишење, мачнина, крв во урината и зачестено мокрење, особено ноќе. 


Кога треба да се направат анализи?

Американскиот институт ги советува луѓето со висок крвен притисок да разговараат со својот лекар за испитувања, бидејќи бубрежната болест може да се открие со едноставни анализи на крвта и урината. 

Според британската здравствена служба, на луѓето со зголемен ризик, како оние со хипертензија или дијабетес, може да им се препорачаат редовни контроли за евентуалното заболување да се открие навреме. 

Според американскиот институт, регулирањето на крвниот притисок е најдобриот начин да се спречи или забави бубрежната болест предизвикана од хипертензија. Без оглед на првичната причина за заболувањето, високиот крвен притисок може дополнително да ја влоши состојбата на бубрезите, додека лековите за негово регулирање можат значително да го забават напредувањето на болеста.