Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на почетокот на неделата ги посетил градилиштата во туристичката зона Самџијон, во провинцијата Јанганг, каде што се наоѓа планината Паекту.
Во посетата го придружувала неговата ќерка Ким Џу Ае, пренесе јужнокорејскиот весник „The Chosun Daily“.
Лидерот го проверил напредокот на работите за реконструкција на аеродромот Самџијон и изградбата на скијачкиот туристички центар во областа Буктаепосан.
Како што објави севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА), Ким истакнал дека „реконструкцијата и проширувањето на аеродромот мора да претходат на претворањето на градот Самџијон во препознатлива планинска туристичка дестинација“.
Тој, исто така, наредил продолжувањето на пистата за полетување и слетување да се спроведе во согласност со стандардите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).
Работите што се изведуваат според меѓународните стандарди укажуваат на можноста Северна Кореја да размислува за воведување меѓународни летови со цел да привлече странски туристи.

По обиколката на скијачкиот центар Буктаепосан и хотелите, Ким Џонг Ун изразил задоволство од она што го видел.
„Навистина е беспрекорно, за чиста десетка“, рекол тој.
По завршувањето на работите, Самџијон би требало да ја добие целата инфраструктура неопходна за развој на туризмот – вклучувајќи транспортна мрежа што опфаќа воздушен, железнички и патен сообраќај, како и здравствени, спортски и сместувачки капацитети.
Потоа, севернокорејскиот лидер ги посетил градилиштата во областите Мудубонг и планината Паекту, кои се развиваат во рамките на главниот план за туристичката зона Самџијон.

На врвот на планината Паекту, тој изјавил дека „секоја градба е подигната на светото место на револуцијата“, а планината ја опишал како „дестинација на која ѝ нема рамна во светот“.
Оваа планина има посебна улога во севернокорејската државна идеологија. Според официјалниот севернокорејски наратив, токму таму Ким Ил Сунг, таткото на нацијата, ја предводел борбата против јапонската окупација, а се верува и дека тоа е родното место на неговиот син Ким Џонг Ил, таткото на сегашниот лидер.















