[ФОТО] „LA Times“ пишува за „скриениот бисер на Јадранот“: „Град на среќни мигови“

Точка

23/11/2026

15:15

712

Големина на фонт

а а а

Престижниот американски дневен весник „Los Angeles Times“ објави опширна репортажа за Трогир, опишувајќи го како скриен бисер на Јадранот. Авторката на текстот, актерката и продуцентка Ела Мише, која пораснала во Трогир, на читателите им претставува интимeн спој од богата историја и лични спомени.

Трогир, средновековен град-остров под заштита на УНЕСКО, се наоѓа на само десетина минути од аеродромот во Сплит. Го основале грчки доселеници во третиот век пред нашата ера, а својата древна ортогонална улична мрежа ја зачувал повеќе од 2.000 години. Неговите камени улици и денес одекнуваат со духот на римската, средновековната, барокната и венецијанската епоха.

За авторката, стариот град отсекогаш започнувал токму кај своите порти. Северната градска порта била главно место за средби – почетна точка за вечерна прошетка, познато место каде што пријателите се собирале потпрени на ѕидините, јаделе сендвич, чекале состанок или превоз. Со векови, над оние што влегуваат во градот бдее статуата на свети Иван Трогирски, заштитникот на градот, поставена на врвот од портата.


Град на среќни мигови

Трогир е познат како „град на среќни мигови“, а причината се крие во легендата за Каирос. Во рамките на древните камени ѕидини се чува грчки мермерен релјеф на Каирос, богот на среќниот, минлив миг, за кој се верува дека потекнува од третиот век пред нашата ера. Се чува во бенедиктинскиот манастир „Свети Никола“.

По талкањето низ скриените камени улички, мирисот на еспресото ве враќа во сегашноста. Во Далмација кафето се ужива, никогаш не се пие набрзина, па авторката предлага да застанете во шармантното кафуле „Tinel“ и да си посветите малку време на себе.


Срцето на стариот град

Централниот дел на стариот град го зазема монументалната катедрала „Свети Ловро“. Наспроти катедралата се наоѓа палатата Ќипико, која хуманистот и писател од 15 век Кориолан Ќипико ја претворил од збир на средновековни куќи во елегантна резиденција. Авторката забележува дека тој ѝ е далечен роднина, бидејќи нивните презимиња се појавуваат заедно на многу згради.

Трогир е мал град наменет за пешачење и веројатно истата личност ќе ја сретнете два или трипати во текот на денот, па дури и во рок од еден час. Авторката се прашува дали тоа е случајност или судбина, или можеби и самиот Каирос има удел во сето тоа.


Вечер на ривата

По вечерата следува „passeggiata“, лежерна прошетка низ познатата Јужна порта од 1593 година до трогирската рива, шеталиште со препознатлива низа палми. Мише пишува дека токму таа глетка отсекогаш ја потсетувала на домот во Лос Анџелес.

Од другата страна на мостот се наоѓа нејзиниот омилен ресторан „Bocel“, каде што може да се вечера на зајдисонце со поглед кон тврдината Камерленго. Венеција ја изградила тврдината откако го зазела Трогир во 1420 година, а денес Камерленго добил поромантична улога. Тоа е едно од најдобрите места за гледање филмови под ѕвездите – таму авторката го гледала својот прв филм – и летна сцена за концерти. Од врвот се пружа прекрасен поглед кон градот.


Од „Duhanka“ до луксузен хотел

За сместување се препорачува хотелот „Brown Beach House“, сместен од другата страна на мостот, на островот Чиово, на само седум минути пешачење од ривата. Станува збор за луксузен бутик-хотел со базен и плажа. Авторката открива дека нејзината баба некогаш одамна работела во таа зграда, кога таму се наоѓала „Duhanka“, станица за испраќање и складирање тутун.

Како дете, таа се сеќава дека ја набљудувала импозантната фасада од паркот Шиловиќ, каде што нејзиниот дедо со пријателите играле буќе. Многу пред доаѓањето на туристите, тоа било дел од работното секојдневие на Трогир, поврзано со луѓето и семејствата што го граделе неговиот идентитет.


Надвор од градските ѕидини

Мише предлага да останете уште еден ден и да изнајмите брод до Сината лагуна кај Дрвеник Вели, каде што морето блеска во безброј нијанси на тиркизна боја, како и до помирните острови Дрвеник Вели и Дрвеник Мали.

„Не заборавајте да пливате, да танцувате и можеби да дочекате барем едно изгрејсонце, гледајќи кон Сплит додека небото се бои во розови и портокалови нијанси, испреплетени со планините како Козјак и Мосор. Ако малку ги подзатворите очите, крајбрежјето може да наликува на Малибу“, пишува авторката.

Можеби токму тоа е најголемата тајна на Трогир: во град кој постои повеќе од две илјади години, највредното нешто што можете да го понесете дома е еден совршено доживеан миг.