Покојниот папа Франциск тврдел дека три пати го видел ѓаволот, а еднаш и „портите на пеколот“, се наведува во извадоците од неговиот дневник објавени во новата книга на аргентинскиот кардинал Виктор Мануел Фернандез.
Книгата „Приватниот дневник на папата Франциск“ содржи записи што папата, чие световно име било Хорхе Бергољо, ги водел од 1992 до 2024 година. Тие ги откриваат неговите размислувања, грижи, каења, самокритика и верски убедувања, пренесе АП.

Фернандез, кој го предводи ватиканскиот оддел за доктрина на верата, рекол дека Франциск го замолил да помогне во објавувањето на неговите дневнички записи.
По смртта на папата, Фернандез побарал дозвола од неговиот наследник, папата Лав XIV, да ги објави извадоците, за дневникот да не остане заборавен.

Во еден од записите, датиран на 24 јануари 2021 година, Франциск навел дека ѓаволот го видел три пати додека бил надбискуп на Буенос Аирес, а еднаш и во Рим, по посетата на Чиле.
Ги опишал средбите во автомобил, за време на миса во кармелитска капела и на еден состанок во Рим.

„Нема да ги заборавам неговите заканувачки, а истовремено и заводливи очи“, напишал Франциск опишувајќи една од средбите. Во друг запис навел дека ѓаволот го гледал со „огнени очи“.
„Не можам да ја заборавам таа силна рапавост на неговиот глас“, напишал Франциск и додал „Господ ми пружи можност да го напуштам тој состанок и така ме ослободи“.
Во записот од 7 јуни 2018 година, Франциск напишал дека претходната ноќ, додека се подготвувал за спиење, „ги видел портите на пеколот“.

„Синоќа го видов влезот во пеколот. Малку ѕирнав внатре и тоа ме престраши“, напишал тој, додавајќи: „Ја зграпчив бројаницата како оружје. Му благодарам на Господ за таа помош“.











