Што всушност се случило меѓу Ромелу Лукаку и Фудбалскиот сојуз на Белгија? Поранешниот напаѓач на Интер, Рома и Наполи објави дека ја завршува репрезентативната кариера по победата над Италија во последното коло од групната фаза на Лигата на нации. Сепак, се чини дека зад таквата одлука стои многу повеќе од она што досега е познато.
Неговата одлука ја изненади јавноста, особено затоа што пред само неколку месеци истакнуваше дека сака да настапи на Светското првенство во 2030 година.
Дека во белгиската репрезентација постојат одредени проблеми, потврди неговиот поранешен соиграч Раџа Наинголан, кој за сè зборуваше во поткастот „Ongefilterd“.

„Разговарав со Ромелу по телефон еден час. Ми раскажа многу работи што не можам да ги повторам, но можам да гарантирам дека наскоро ќе изнесе нешто што ќе привлече големо внимание. Можам да потврдам дека имало проблеми меѓу него и одделни членови на репрезентацијата. Не можам да кажам повеќе од тоа. Тој самиот ќе објасни сè“, порача Наинголан.
Додаде дека Лукаку е повреден поради сè што се случило.

„Не можам да зборувам во негово име, но можам да кажам дека се чувствува повредено. Разочаран е и лут поради многу работи. Наскоро ќе дознаеме кои се вистинските проблеми“, истакна Наинголан.
Според пишувањата на белгиските медиуми, Лукаку закрепнал од повредата за рекордно кратко време за да ѝ помогне на репрезентацијата на Светското првенство, но не воспоставил добар однос со новиот селектор Марк ван Бомел, кој наводно го гледал како втора опција во нападот.

Таквиот статус тешко го прифатил искусниот напаѓач, кој не сака да биде во улога на резервист, особено не од самиот почеток. Лукаку, најдобриот стрелец во историјата на белгиската репрезентација со 94 гола, наводно сметал дека не ги добил почитта и признанието што ги заслужува.
Повеќе детали се очекуваат кога ќе се огласи самиот фудбалер, а според зборовите на Наинголан, тоа би можело да се случи многу брзо.











