Една од најопасните земји во светот сака да стане туристичка сила: Вложуваат милијарди, отвораат музеи, градат хотели

Точка

26/11/2026

21:21

615

Големина на фонт

а а а

Познат како една од најопасните земји во светот, Ирак веќе извесно време е главно недостапен за многу патници. Препораките за патување во тој регион со текот на годините се менуваа во зависност од различните конфликти и безбедносни закани.

Меѓутоа, во текот на изминатите месеци оваа блискоисточна земја забележа нов бран вложувања во туристичкиот сектор.

Неодамна обновениот Ирачки национален музеј би требало повторно да ги отвори вратите за посетителите следниот месец, пренесе „Breaking Travel News“.


*Ирачки национален музеј

Музејот во Багдад бил затворен две години, а во него се чуваат десетици илјади антиквитети поврзани со минатото на земјата. Музејот бил ограбен во 2003 година за време на инвазијата предводена од Соединетите Американски Држави, а оттогаш неколкупати бил затворан.

Повторното отворање на музејот е важен чекор во напорите на Ирак да ги обнови своите историски споменици и да привлече поголем број туристи. Во рамките на тие напори се градат нови хотели, а обновени се и повторно отворени локации како Абасидската палата од 12 век, а и Мосулскиот културен музеј би требало повторно да биде отворен за јавноста до крајот на годината.


*Влезот на реновираниот Мосулски културен музеј

Во ирачкиот регион Курдистан вложени се повеќе од 80 милијарди долари, а туризмот нагло пораснал. Додека во 2006 година регионот го посетиле 377.000 луѓе, во 2024 година се забележани дури осум милиони.


*Вавилон

Откако започна војната во Иран, туризмот на Блискиот исток претрпе големи последици, а авио-линиите беа нарушени, додека предупредувањата за патување честопати се менуваа. Меѓутоа, некои патници не се откажуваат од своите планови.

Компаниите како „Untamed Borders“ и понатаму организираат патувања во Ирак. Основачот на таа компанија, Џејмс Вилкокс, изјавил за „Breaking Travel News“: „На прв поглед Ирак можеби не изгледа како очигледна туристичка дестинација, но таа земја има мноштво локалитети од светска класа. Вавилон и Багдад ја повикуваат историјата и мистеријата на Блискиот Исток. Овие вложувања во древните ирачки локалитети и туристичката инфраструктура недвосмислено ќе придонесат Ирак да стане важна туристичка дестинација во регионот. Иако поради нестабилноста многумина посетители се двоумат, патувањето во Ирак е можно и може да биде многу вредно искуство“.


*Багдад

Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство ги предупредува туристите кои посетуваат земји за кои постојат официјални предупредувања за патување дека мора да склучат соодветно патничко осигурување, пишува „Дејли мејл“. „Ако се одлучите за патување и покрај препораките на „FCDO“ (Министерство за надворешни работи на Обединетото Кралство) истражете ги дестинациите што планирате да ги посетите и склучите соодветно патничко осигурување“, се наведува на нивната веб-страница.


„Осигурувањето би требало да го покрива вашиот план на патување, предвидените активности и трошоците во случај на итна ситуација“. Повеќето стандардни осигурителни компании нема да ги осигурат патниците кои заминуваат на дестинации за кои „FCDO“ не препорачува патувања. Сепак, постојат полиси за патничко осигурување за високоризични патувања кои можат да покријат евакуација, трошоци за лекување, откажување на патувањето и незаконско задржување, наведува „MoneySuperMarket“.