Од Бардовци однесен во Шутка: На Гостиварецот кој ја претепа сопругата определен му е 30-дневен притвор

Точка

29/11/2026

18:47

783

Големина на фонт

а а а

Основниот суд во Гостивар му одреди 30-дневен притвор на 52-годишниот М.М., осомничен за обид за убиство на својата 42-годишна сопруга при семејно насилство во гостиварското село Топлица.

Од судот за „360 степени“ потврдиле дека го прифатиле предлогот на Обвинителството. Осомничениот од синоќа е во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Тој првично беше сместен во Психијатриската болница во Бардовци, а при давањето исказ пред судот тој го негирал делото.

Неговата сопруга е на интензивна нега во Скопје, а според информациите што ги пренесе телевизијата Канал 5, нејзината состојба е загрижувачка. Таа била примена на Ургентниот хируршки центар во Скопје со сериозни повреди на главата и градниот кош, четири скршени ребра и делумен пневмоторакс и мал излив на течност во градниот кош. Прегледите покажале и насобрана крв под тврдата мозочна обвивка.


Вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека во петокот било пријавено оти 52-годишниот М. М. физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга. Од МВР рекоа дека откако случајот бил пријавен, веднаш потоа лицето било лишено од слобода. При интервенцијата тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници, при што еден полицаец бил повреден. 

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе истрага против М.М, осомничен за обид за убиство на сопругата при семејно насилство во селото Топлица, Гостиварско и побара притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоците и ризик од довршување на кривичното дело.