Откако Ен Еплбаум, сопругата на шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски, изјави дека европските политичари разговараат за можноста од војна со Русија, проруските кругови ја обвинија за поттикнување конфликт.
Меѓутоа, полската влада и другите членки на НАТО навистина интензивно анализираат такво сценарио, не за да ја провоцираат Русија, туку за да се подготват за можен напад од ограничен обем врз некоја од балтичките држави, откриваат високи владини извори, пишува полскиот портал „Онет“.
Сценарио за балтичките држави
Во центарот на овие дискусии е прашањето како да се реагира доколку Русија изврши напад од ограничен обем. Разузнавачките проценки укажуваат дека Москва во моментов нема капацитет за водење војна од целосен обем против НАТО, но Алијансата би можела да се соочи со вооружена провокација, како што е руско заземање на помало населено место во Литванија, Латвија или Естонија.

Во таква ситуација, Полска има две основни опции. Првата е да се ограничи на хуманитарна помош, а втората е воено да се ангажира. Испраќањето војска, исто така, нуди две можности: да дејствува дури по официјална одлука на НАТО или веднаш да испрати воени единици, без да ги чека сојузниците. Таквиот потег би создал притисок врз останатите членки на Алијансата да го активираат членот 5 и со тоа да ѝ испратат јасна порака на Русија дека, доколку не се повлече, ќе се соочи со војна против целото НАТО, за што Москва не е подготвена.
Полска би интервенирала воено
Отсуството на реакција, задоцнетиот одговор или испраќањето војска дури откако балтичките сили самостојно би го одбиле нападот, би значеле фактички крај на НАТО, тврдат изворите на „Онет“ во полската влада.
Во таков случај и Полска би останала сама доколку се најде на мета на слична провокација. Затоа, потенцијалната интервенција не е насочена само кон помагање на нападнатата држава, туку првенствено кон спречување на рускиот обид за разбивање на Алијансата.
Еден од двајцата соговорници од владата потврдил дека Полска, во случај на руска провокација, веднаш би испратила вооружени сили на помош на нападнатата балтичка држава. Тој нагласил дека Варшава нема да чека формално активирање на членот 5 од Северноатлантскиот договор, туку ќе дејствува без одложување и ќе испрати војска во борба.

Вториот соговорник бил нешто повнимателен. Тој посочил дека полските воени капацитети се ограничени и дека помошта за балтичките држави би морала да се пружи на начин што нема да ги ослаби сопствените одбранбени способности. Поради тоа, Полска веројатно би испратила специјални единици, наместо потешко вооружени единици, како што се оклопните.
Сепак, соговорниците се согласуваат околу клучното прашање – Полска би се ангажирала воено. Фактот што двајца членови на владата ги споделиле овие информации е сигнал дека властите сакаат да ѝ испратат порака на Русија: планот за разбивање на единството на НАТО нема да успее. Москва би се одлучила на вооружена провокација само доколку е уверена дека нападнатата членка не може да смета на поддршката од сојузниците.














