Околу 8-то издание на Green Beach Fest и нивната одлука да си заминат од Охрид засекогаш

Точка

31/07/2017

14:34

7.221

Големина на фонт

а а а

Овој викенд во Охрид беше организирано осмото издание на најголемиот електронски фестивали во Макеоднија, Green Beach Festival...

Фестивалот траеше два дена (28-29 јули), а сите љубители на електронската музика и добрата забава имаа можност да ги слушнат настапите на две од најзвучните имиња моментално на електронската сцена - Richie Hawtin (првиот ден) и Sven Vath (вториот), како и неколку од наистакнатите домашни артисти од иста "бранша" со кои Македонија гордо може да се пофали - Самоил Радински, Флудер, Песинџер, Васо, Горан Кан...


Фестивалот се одржа на препознатливата спектакуларна сцена на плажата Парк во Охрид, која придонесе да се комплетира целата атмосфера и ја поткрепи музиката на електронските уметници за уште поинтензивна стимулација на сетилата на присутните со своите светлечки ефекти.


Првиот ден Richie Hawtin си го направи своето забавувајќи ја публиката која вклучуваше и туристи од цела Европа, но на големо разочарување на сите оние кои дојдоа да се журкаат до изгрејсонце музиката запре во 03:15 по полноќ. Публиката во неверување остана да чека да се врати музиката и да продолжи забавата до раните утрински часови но тоа едноставно не се случи. 


Организаторите на фестивалот се извинија за настанатите проблеми информирајќи ги своите посетители дека работите излегле дури и од нивна контрола и повикувајќи ги да бидат точни со оглед на тоа дека фестивалот започнува во 19:30.

Следниот ден великанот на електронската музичка сцена – Свен Ват (Sven Väth) не ѝ дозволи на публиката да застане ниту за миг движејќи им ги телата со секоја следна трака подобра од претходната, па така поголемиот дел од вечерта рацете на посетителите на Грин Бич Фестивал беа горе во вис и речиси беше невозможно да се види човек кој не се движи на некој сопствен начин во ритамот на музиката. Во саботата на плажа Парк во Охрид завладеа универзална позитивна енергија меѓу сите присутни па насмевките на лицата на посетителите беа неодминливи, а извиците на еуфорија ја придружуваа музиката. Повеќе од очигледно е дека во Македонија има апетит за ваквите забави. Бројот на љубители на електронската музика е во непрекинат раст но и покрај тоа организацијата на Green Beach Festival во позадина се соочувала со потешкотии да ѝ го обезбеди на својата публика максималното фестивалско искуство поради, како што сами кажаа - "неможноста да најдат човечка, законска, професионална комуникација со сите инволвирани административни органи и тела" 



Им посакуваме успеси во потрагата по нова локација бидејќи народот на Македонија е "жеден" за ваков вид на фестивал и заслужува да го добие без да биде опструиран.


Екипата на Точка во категоријата "доживувања кои вечно се паметат" го додава и осмото издание на најголемиот електронски музички фестивал во оваа држава - Green Beach Festival. Голема благодарност до организацијата на фестивалот која не има во предвид и нас, илјадниците посетители кои препознаваат и ценат квалитетна електронска музика, и осум години по ред ни ги носат врвните светски музички артисти Sven Vath, Richie Hawtin, Armin Van Buuren, Paul Van Dyk, Carl Cox, Dubfire, Fedde Le Grand, Black Coffee, Roger Sanchez, Ame, James Zabiela и многу други. Среќно!