Ања Мукаетова: Ќе учам на најпрестижниот факултет за графички дизајн во Европа

Точка

21/06/2019

13:10

7.882

Големина на фонт

а а а

Матурантката од меѓународната гимназија „Нова“ во Скопје, Ања Мукаетова, своето образование ќе го продолжи на една од најпрестижните образовни институции во сферата на уметноста, дизајнот, модата и изведувачките уметности, University of the Arts во Лондон.

Животот во оваа светска метропола ѝ претставува предизвик, а вели дека тимот во „Нова“ постојано бил тука за да ѝ помогне да се насочи каде ќе го продолжи школувањето и да ги разреши своите дилеми.  

Ања, зошто одлучи да се запишеш на University of the Arts во Лондон и колку беше комлициран патот до оваа престижна образовна институција? 

  При мојата прва посета на Лондон за време на летната школа за дизајн во Arts University Bournemouth, градот ме воодушеви и веќе бев речиси целосно сигурна дека моето образование сакам да го продолжам во Лондон. При истражувањето што го направив на интернет, University of the Arts во Лондон е рангиран како најдобриот факултет за графички дизајн во Европа и за мене беше предизвик да пратам апликација и да бидам примена на овој престижен факултет. 

Низ каков тип на тестирања / интервјуа помина за да се запишеш на овој универзитет и колкава беше конкуренцијата при аплицирањето?

Најпрво требаше да пополнам апликација на UCAS, онлајн систем за аплицирање на британски универзитети па откако ми беше одобрена апликацијата, да прикачам портфолио на нивната веб страница. Откако им се допадна моето портфолио, ми закажаа телефонско интервју, во кое што ми поставуваа прашања за моите инспирации во полето на графички дизајн и прашања во врска со моето портфолио. На крајот на интервјуто ми беше соопштено дека сум примена. 

University of the Arts е специјализиран за уметност, дизајн, мода и изведувачки уметности. Кој ќе биде твојот фокус во текот на студиите? 

Главниот фокус на моите студии на UAL ќе биде графичкиот дизајн и медиумите, како и соодветни теоретски студии преку серии на интензивни предавања, работилници, семинари итн. Особен акцент во текот на студиите е ставен на професионалната пракса во втората година и проектот и дисертацијата на крајот од студиите. 


Ученичка си во гимназијата „Нова“. Колку ова меѓународно училиште ти помогна да се запишеш во University of the Arts во Лондон? 

Моите професори во „Нова“ секогаш беа на располагање да ме насочат и да ми помогнат да ги разрешам проблемите. Во секое време можев да побарам и добијам соодветен совет од нив. Јас бев ученичка на меѓународната матура, програма што ја следев во последите две години, која се стреми кон врвно образование во повеќе области и ми помогна при подготвувањето на текстови и правилно ме насочи кон вистискиот избор. 

Што очекуваш од ова ново поглавје? Од што најмногу си воодушевена и на што се радуваш пред да заминеш во Лондон? 

Навистина се радувам за периодот што ми претстои, за Лондон како град што ќе биде мој дом, за UAL како образовна институција која ќе ми овозможи да изградам интернационална кариера. Се радувам на запознавањето со различни култури и карактери, градењето на нови пријателства како и сопствениот личен и професионален развој. Добивањето на знаења и директна комуникација со врвни професори и практичари од дејноста во која сакам да се развивам и да ја градам мојата идна професионална кариера. 

Што би им порачала на младите луѓе во Македонија кои би сакале да се запишат на престижен универзитет од калибарот на University of the Arts во Лондон? 

На младите би им препорачала да се фокусираат на тоа што сакаат да го постигнат после средното школо. За да се запишат на какoв било конкурентен универзитет, на младите им треба предзнаење што би го добиле во текот на средно училиште и секако посебна посветеност во последните две години, што јас ја стекнав преку меѓународната матура. Исто така, и да го слушаат своето срце при изборот на универзитетот. 

Какви се твоите планови за иднината? Како би сакала да се развие твојот професионален пат по завршувањето на студиите? 

Лично, живеејќи во космополитска средина како Лондон, би сакала да стекнам голем круг на пријатели, да ги отворам сопствените видици и лично да се оформам како професионална личност. Преку универзитетот што го избрав сакам да го стекнам најдоброто образование, да ги искористам можностите што UAL ги нуди, како и самиот град. Се уште немам прецизни планови за мојата кариера, би сакала да се прилагодам на тамошниот образовен и професионален систем и дефинитивно да продолжам со постдипломски студии и специјализации за областите од графичкиот дизајн што најмногу ќе ме привлечат. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг