Празнична магија во домот на Ребека

Точка

27/12/2019

10:36

5.452

Големина на фонт

а а а

„А мамо дали Дедо Мраз ќе ни ја исполни оваа желба!?“..Една од желбите на децата на Ребека е Скопје да има засекогаш чист воздух за да можат секој ден да одат надвор и да си играат. Но, не само децата ѝ се радуваат на празничната магија.

„Елката накитена, песничките и украсениот град создаваат една магична атмосфера и еуфорија кај сите“, раскажува Ребека, а ние ве носиме на гости токму кај неа. Позади неа е година за паметење, а пред неа година со предизвици.  

Те фаќа ли предновогодишна еуфорија, им се радуваш ли на празниците?

- Секако дека се радувам. Најмногу од се и се радувам на радоста и среќата на лицата на децата. За нив овие празници се како да влегуваат во светот на бајките. Елката накитена, песничките и украсениот град создаваат една магична атмосфера и еуфорија кај сите. Но, најмногу од се, се радувам на подароците кои ќе ги подготвам и нестрплива сум да ги видам реакциите од среќа кај луѓето кои ги сакам.


Му пишаа ли писма децата на Дедо Мраз?

- Пакетчињата за децата се спремни и тие се уште веруваат дека Дедо Мраз ги прочитал нивните писма и дека точно знае што да им донесе. Но, секогаш им подготвувам и по некое изненадување. Желбите нивни се скромни. Маркијан сака пакетче, Доротеј камион со количка, а Макариј две острилки и две мали колички.

Кои се нивните желби?

- Една од желбите нивни е Скопје да има засекогаш чист воздух за да можат секој ден да одат надвор и да си играат. И ме прашуваат мошне сериозно, ...„А мамо дали Дедо Мраз ќе ни ја исполни оваа желба!?“ Дали Господ ќе ги чуе нашите молитви ако силно и многу деца се молиме за чист воздух во Македонија? А, јас секако дека им одговарам, дека еден ден и тоа ќе се случи и дека и лошите луѓе ќе се освестат и дека ќе се најде решение и дека сите ние треба да внимаваме и да не ја загадуваме Земјата.

По што ќе ја паметиш 2019-та?

- Ќе ја паметам по многуте проекти кои ги направивме заедно со прекрасни луѓе кои се околу мене во „Дајте Ни Крилја“, Националната Алијанса за Ретки Болести и Ресурсниот Центар за родители на деца со попреченост. Најмногу се радувам што конечно искреиравме национална стратегија за лицата со ретки болести и имавме прекрасна соработка на работилниците и средбите со представници од Министерствата за образование и Труд и социјална политика, Фондот за здравство и Комисијата за ретки болести. Приватно се радувам на секој ден и со благодарност го почнувам. Ќе ја паметам 2019 по многуте патувања и новите реченици на Маркијан, по денот кога Макариј и Доротеј тргнаа во училиште, дружењето со моите најблиски од Нов Зеланд кои беа тука 3 месеци и по средбата со моите школски другари од О.У.„Браќа Рибар“. Секако дека имаше и лоши, неубави моменти кои едноставно и за жал се случуваат не по наша волја и вина. Но, одиме понатаму...

Очекувања од 2020-та?

- Очекувам имплементација и усвојување на националната стратегија за лицата со ретки болести. Очекувам почист воздух следната зима, ревидирање на Преспанскиот договор и враќање на достоинството на народот во Македонија. Повеќе закони кои во пракса дека ќе се спроведат, подобар статус на асистентите на лицата со попреченост, поголема сплотеност на здруженијата кои ги застапуваат лицата со попреченост и подобра образовна програма за нашите деца воопшто, независно дали се со типичен или нетипичен рзвој. Но, да напоменам дека сите планови ги правам многу спокојно и никогаш не очекувам премногу кога се работи за приватниот живот. Ставам рокови, работам и посакувам успех, но спремна сум на се.

Каде ќе бидете за дочекот на 2020-та?

- За дочекот на Новата година дома со наши пријатели.


Што подготвува Ребека за Бадниковата трпеза?

- Бадниковата трпеза е скромна, таа и таква треба да биде затоа што е посна. Сама ја подготвувам и не е ништо поразлична од останатите. Лебчето е важно на маса, некое оревче, бадемче и лешниче, ајвар, туршија и можеби пита. Вечерата за Бадник и за Божиќ секогаш започнува со благодарност и молитва. Божиќ е денот кога одам по полноќ на свечената литургија во црква и се причестувам по постот. Радоста е голема. Христос се роди!

Практикувате ли некои обичаи поврзани со празниците?

- Обичаи не практикуваме други, освен оние кои се православни.


(А.В)

Стајлинг: Бутик Luxantica (сако креација на Ивана Кнез, пантолони - Катерина Тошева)
Студио Art, Alessandro и Moe Studiosako 



Спонзорирани линкови

Маркетинг