Шест играчи, една цел: Колку пари потроши Реал за да ја пронајде идната ѕвезда во светскиот фудбал

Дерби

21/01/2020

09:51

2.038

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид важи за еден од клубовите кои се најчесто посочувани како главни причинители за трансфер лудилото кое настана во изминативе неколку години, а ако веќе стана јасно дека нема враќање назад од оваа фаза во која во фудбалот се вртат милионски суми, истовремено „кралскиот клуб“ се одреди за една стратегија која е навистина интересна.

Флорентино Перез во два наврати ги изрежира најскапите трансфери во историјата на фудбалот (најпрво со Роналдо, а потоа и со Бејл), но во ситуација кога Реал го загуби приматот на клуб кој го има најплатениот играч во својот тим, претседателот на клубот се одлучи за една тактика која ја практикува веќе неколку преодни рока.

Перез воопшто не штеди пари во обидот да ја пронајде идната голема фудбалска ѕвезда, а тоа го докажа и со последната аквизиција од Бразил. Реал Мадрид му исплати 30 милиони евра на Фламенго за ангажманот на Реинер, фудбалер кој важи за огромен фудбалски талент од Бразил, слично како и Винисиус Жуниор и Родриго кој претходно веќе направија богати трансфери на „Бернабеу“.

Таканаречениот лов на бразилски таленти не е единственото сценарио кое го има замислено Флорентино, бидејќи во последните години, тој ги доведе и Мартин Одегард како најголем норвешки талент, Марко Асенсио како најголем шпански потенцијал, како и Кубо кој важи за најголем јапонски бисер.

За овие шест играчи, Реал Мадрид потроши точно 132 милиони евра, а ако се земе во предвид просекот, еден талент го чинеше Реал 22 милиони евра. Ставајќи го сето ова на едно место, угледната „Марка“ излезе со интересна сторија, нагласувајќи дека Перез досега потроши 132 милиони евра за да го пронајде играчот кој може да биде голема ѕвезда во светскиот фудбал.




Спонзорирани линкови

Маркетинг