Јапонија е земја која е лидер во долговечноста и има многу ниска стапка на дебелина – само 4,3 отсто.
Она што би можело да ве зачуди е фактот што паузата за ручек ретко ја користат за тренинг, па дури и мал број Јапонци имаат членство во теретана.
Во едно неодамнешно истражување на компанијата „Rakuten Insight“, спроведено на 1000 Јапонци на возраст помеѓу 20 и 60 години, отприлика половина од испитаниците признале дека ретко вежбаат – дури еднаш месечно! Како причина најчесто го наведуваат недостатокот од слободно време или фактот дека вежбањето не го доживуваат како свој животен стил или не го сакаат.
Како е тоа можно?
Многу едноставно. Јапонците не сметаат дека вежбањето во теретана е единствениот начин за одржување на фит формата. Во нивниот животен стил постои едноставна, достапна и бесплатна активност, а тоа е – пешачењето.
Возрасните Јапонци во просек дневно прават 6500 чекори. Возрасните мажи на возраст од 20 до 50 години дневно пешачат 8000 чекори, а жените на иста возраст околу 7000. Окинавците се особено познати по својата култура на пешачење.
Повеќето Јапонци живеат во проодни градови во кои јавниот превоз е достапен, а многу домаќинства не ни поседуваат автомобили. Последица на тоа е пешачењето до дома, до работа, до продавница, училиште... Тоа е активност која секојдневно ја усвојува секоја генерација – пешачењето за нив е како дишење.
Она што можеме да го научиме од овој народ е дека за добра кондиција и физичко здравје не треба да издвојуваме многу време и пари. Доволно е само секојдневно пешачење.