[ФОТО] Полицијата во Дубаи има нова „играчка“: Тјунирано Ферари со 830 КС и максимална брзина од 340 км/ч

Супермен

18/09/2026

13:45

218

Големина на фонт

а а а

Полицијата во Дубаи веќе е позната по својата флота автомобили каква што би посакале многу колекционери, а сега ѝ се придружи уште еден спектакуларен примерок.

Станува збор за Ферари 812 Суперфаст, преработен од „Mansory“ (Мансори), а резултатот е полициски автомобил со атмосферски V12 мотор, 830 КС и максимална брзина од 340 км/ч.

Но, ако помисливте дека полицајците ќе го користат за бркање возачи кои возат пребрзо на автопатиштата во Дубаи, неговата вистинска улога е малку поинаква. Ова Ферари првенствено е направено за луѓето да го гледаат, фотографираат и споделуваат на социјалните мрежи.

Петтиот „Мансори“ направен за полицијата

Автомобилот бил претставен на саемот „Arabian Travel Market 2026“ и веќе е петти заеднички проект на полицијата во Дубаи и германската тјунинг-компанија „Мансори“ во последните две години.


Пред Ферари 812, за потребите на полицијата веќе биле преработени Мерцедес-АМГ Г 63, Ролс-Ројс Кулинан, Ферари 296 ГТБ и Ламборгини Ревуелто.

Новиот член на возниот парк треба да се појавува токму на местата каде што ќе привлекува најмногу погледи – околу Бурџ Калифа, булеварот Шеик Мохамед бин Рашид и JBR, едни од најпознатите туристички локации во Дубаи.

Атмосферскиот V12 сега развива 830 КС

Ферари 812 Суперфаст ниту во сериската верзија не е автомобил на кој му недостига моќност. Неговиот 6,5-литарски атмосферски V12 мотор развива 800 КС и 718 Nm, што му овозможува да забрза од 0 до 100 км/ч за 2,9 секунди и да достигне максимална брзина од 340 км/ч.

„Мансори“ дополнително ги подобри овие бројки. Полициската верзија развива 830 КС и 740 Nm, од 0 до 100 км/ч забрзува за 2,8 секунди, додека максималната брзина е зголемена на 344 км/ч.


Тоа значи дека полицијата во Дубаи сега располага со автомобил кој достигнува брзини за кои повеќето автомобили на патиштата можат само да сонуваат.

Ферари го произведуваше моделот 812 Суперфаст од 2017 до 2024 година, кога неговата улога како предводник со V12 мотор ја презеде моделот 12Цилиндри. Така, Дубаи му даде „втор живот“ на пензионираниот модел.

„Мансори“ се погрижи никој да не го пропушти

Дека ова Ферари нема лесно да остане незабележано во сообраќајот, јасно е уште на прв поглед. Покрај препознатливата полициска комбинација на бела и зелена боја, автомобилот доби црни и жолти детали, како и низа аеродинамички додатоци од „Мансори“.


Тука се новиот преден браник и сплитер, редизајнираните прагови и големото задно крило. Сето тоа му дава значително поагресивен изглед во споредба со серискиот 812 Суперфаст. Впрочем, дискретноста и не била целта.

Полициски автомобил како туристичка атракција

Полицијата во Дубаи веќе со години ги користи егзотичните автомобили на поинаков начин од класичните патролни возила. Нивната главна задача не е да ги бркаат прекршителите, туку да бидат присутни на туристичките локации и да го промовираат Дубаи.

Токму затоа автомобил со 830 КС има смисла дури иако никогаш не учествува во сериозна полициска потера. Паркиран пред Бурџ Калифа, со вклучени полициски светла, веројатно ќе ја заврши својата работа веднаш штом туристите ќе ги извадат мобилните телефони.


Претставувањето се совпадна со саемот „Arabian Travel Market“, кој привлече рекорден број посетители, додека туристичката заедница на Дубаи за август објави дека градот го посетиле 869.000 туристи.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk