Вимблдон традиционално ги обединува познатите личности од различни сфери, а денеска во ВИП ложата беше забележан и Дејвид Бекам, и тоа во совршено модно издание.
Славниот фудбалер е познат како маж со неверојатен стил и сè уште важи за еден од најпосакуваните мажи на светот, а тоа денеска уште еднаш го докажа со своето појавување на тенискиот турнир.
Бекам на Вимблдон пристигнал во друштво на својата мајка Сандра и бил одлично расположен – постојано имал насмевка на лицето додека уживал во врвните партии тенис, како во женското, така и во машкото четвртфинале.
Згодниот Британец го воодушеви модниот свет со ноншалантната елеганција и комбинација на која е тешко да се најде маана, па дури и ако сте строг критичар. Дејвид се одлучил за лежерно кафеаво сако со дворедно копчање и бели панталони, а целиот изглед го заокружил со интересни детали.
Имено, Бекам ѝ дал на комбинацијата посебен печат благодарение на миксот од дезени – кошула со пруги и вратоврска со точки.