Возачите на Формула 1 трепкаат на истите „безбедни“ места на патеката, покажува новото истражување

Супермен

23/05/2023

12:44

6.790

Големина на фонт

а а а

Колку е важен секој момент во текот на трките и возењата при големи брзини, прилично добро покажуваат податоците од новото истражување.

Трепкањето е природен и брз рефлекс кој човекот и не го забележува, но за возачите на Формула 1 кои возат со брзина поголема од 350 км/ч., едно трепкање значи губење на видикот од речиси 20 метри. Земајќи предвид дека човек просечно трепка до 30 пати во 1 минута, може да се процени дека возачот би „изгубил“ околу 595 метри визуелни информации во минута токму поради трепкањето.

Меѓутоа, се чини дека Ф1 возачите трепкаат на истите делови од патеката во текот на секој круг и тоа на најмалку опасните делови за „загуба на видикот“, се наведува во извештајот на списанието „Science News“.

Ова откритие го потпишува научникот Ријота Нишизоно, кој го објавил истражувањето заедно со своите колеги во Јапонија. Станува збор за поранешен професионален велосипедист кој има искуства во проценување на поврзаноста помеѓу брзината и трепкањето.

Нишизоно воочил значајна празнина во литературата кога станува збор за трепкањето кај активните луѓе, и покрај тоа што во екстремни услови како трки дури и мала грешка може да доведе до животна опасност.

Научникот во соработка со еден тркачки тим ги опремил кацигите на тројца возачи со тракери за очи, по што тие извозеле вкупно 304 круга на 3 патеки.

Научниците воочиле дека возачите не трепкале додека ја менувале брзината или правецот, но тоа го правеле на релативно „безбедните“ рамни делови од патеката.

Џонатан Матис, научник од Универзитетот Нортистерн во Бостон, кој ги проучува човечките движења и кој не бил вклучен во истражувањето, рекол дека тоа овозможува некои клучни увиди во човечкото однесување.

„Луѓето не го сметаат трепкањето за нешто посебно, но тоа не е само „бришење“ на очите туку и е дел од нашиот визуелен систем“, изјавил Матис.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk