Турско Сен Тропе: Летувалиште на брегот на Егејското море кое има повеќе од 300 сончеви денови годишно

Точка

26/05/2023

17:50

18.117

Големина на фонт

а а а

Во јужниот дел на истоимениот полуостров, на оддалеченост од околу 270 километри од Измир, се наоѓа малото пристаниште Бодрум кое е едно од најпопуларните турски летувалишта на брегот на Егејското море.

Овој шармантен медитерански град во кој живеат околу 30.000 жители се наоѓа наспроти грчкиот остров Кос.

Покрај одличните плажи и хотели од различни категории, богати со бројни содржини, Бодрум е познат и по природните убавини и значајното историско наследство. Поради сето тоа, магазинот „NYTimes“ го окарактеризира ова летувалиште како турското Сен Тропе.


Поради поволните климатски карактеристики, Бодрум е една од идеалните летни дестинации. Јуни, јули и август се најтоплите месеци во летувалиштето, кое може да се пофали со повеќе од 300 сончеви денови во текот на годината.

Всушност, сезоната во Бодрум трае од мај до октомври, кога дневно се бележат повеќе од 12 сончеви часови. Во тој период речиси и да нема дожд, а највисоката дневна температура често надминува и 35 Целзиусови степени, наведува „Bodrum.org“.


5 најдобри плажи во Бодрум

Една од најпознатите плажи во Бодрум е Бардакчи, која е омилена помеѓу љубителите на природата.

Гумбет е можеби и најомилената помеѓу локалното население. Оваа одлично организирана плажа е оддалечена околу 3 километри од центарот на летувалиштето. Покрај угостителските објекти, плажата поседува тоалети и тушеви, а на посетителите им се нуди и можност за уживање во различни спортски активности.


Уште една од добро организираните плажи која нуди бројни содржини е и Јаши.


Во самиот центар на летувалиштето се наоѓа плажата Финк, која е носител на Сино знаме. Чистата вода и коралните гребени по кои е позната, но и одличната понуда на угостителските објекти и спортските активности се сосема доволна причина и оваа плажа да биде сместена помеѓу најдобрите во Бодрум.

На околу 15 километри од центарот на Бодрум се наоѓа плажата Камел. Иако и таа е одлично организирана, на посетителите им се нуди можност да уживаат во богатата шума која ја опкружува.



Спонзорирани линкови

Маркетинг