Здрави близнаци кои 8 недели следеле веганска исхрана имале понизок ЛДЛ холестерол, подобро ниво на шеќер во крвта и изгубиле повеќе килограми од нивните браќа и сестри кои јаделе месо, покажа новото истражување.
22 пара идентични близнаци учествувале во интересна студија, чии резултати беа објавени оваа недела во списанието „JAMA Network Open“. Во секој пар, едниот близнак се обврзал да консумира веганска храна, додека другиот близнак јадел сè.
Биолошките маркери, вклучувајќи крв и столица, биле земени од секој близнак на почетокот и повторно во 4-та и 8-та недела, пренесува „CNN“.
„Кај близнаците кои се подложиле на веганска исхрана бил забележан пад од 10-15 отсто на ЛДЛ холестеролот, пад на инсулинот од 25 отсто и 3 отсто губење на тежината за само 8 недели, сето тоа поради исхраната без производи од животинско потекло“, вели главниот автор на студијата, Кристофер Гарднер, професор по медицина во „Stanford Prevention Research Center“ во Калифорнија.
Веганската исхрана се разликува од вегетаријанската исхрана по тоа што го елиминира не само животинското месо, туку и млечните производи, јајцата или кои било други состојки од животинско потекло. Исклучиво растителната исхрана може да содржи повеќе влакна, витамини, минерали и фитонутриенти во споредба со другите обрасци на исхрана.
„Резултатите од оваа студија ја потврдуваат користа од сегашните диететски насоки за намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести“, изјави за „CNN“ Алис Лихтенштајн од Лабораторијата за кардиоваскуларна исхрана на Универзитетот Тафтс.
„Исхраната со повеќе незаситени масти, повеќе цели житарки, помалку калории, повеќе влакна и зеленчук и помалку холестерол резултираше со поповолен профил на фактори на ризик од кардиоваскуларни болести отколку споредбената диета“, додала таа.
Според Гарднер, подобрувањето на кардиоваскуларните биомаркери, како што се понизок ЛДЛ холестерол, инсулинска резистенција и губење на тежината, било очекувано.
„Вегетаријанците внесувале повеќе влакна и помалку заситени масти. Тоа го објаснува падот на ЛДЛ холестеролот. Повеќе влакна исто така се причина за пониски нивоа на инсулин на гладно. Зеленчукот, овошјето и житарките се поголеми во волумен од месото, па луѓето би можеле да бидат посити и да консумираат помалку калории, што го објаснува слабеењето“.
Но, како и со сите рестриктивни диети, може да биде тешко долгорочно да се придржувате до даден режим.
„Близнаците на веганска исхрана биле помалку задоволни бидејќи нивната исхрана била рестриктивна“, забележува Гарднер. Тој додава дека луѓето не мора да станат вегани за да имаат корист од резултатите од студијата.
„Намалувањето на внесот на месо и животински нуспроизводи може да се прави полека, малку по малку“, советува тој.