Повеќе од 350.000 луѓе потпишале петиција за повторување на натпреварот од четвртфиналето на Европското првенство во Германија меѓу домаќинот и Шпанија, кој заврши со победа и пласман во полуфиналето на Црвената фурија.
Незадоволството на германските навивачи кулминираше по недосудениот пенал во 107-та минута од натпреварот кога Марк Кукуреља играше со рака во својот казнен простор.
„Незадоволните германски навивачи бараат повторување на натпреварот бидејќи сметаат дека на нивната репрезентација ѝ е направена неправда. Дури 350.000 луѓе потпишале петиција за реприза на натпреварот“, пишуваат странските медиуми.
Англискиот судија Ентони Тејлор не покажа на белата точка по играњето со рака на Кукуреља, а не беше активирана ниту ВАР собата.
Шефот на судиите на УЕФА, Роберто Розети, по натпреварот изјави дека раката на шпанскиот репрезентативец била во природна положба и дека одлуката е правилна.
Петицијата сепак ќе биде залудна – Германците се збогуваа со ЕУРО 2024, а Шпанците во вторник играат за пласман во финалето со француската репрезентација.