Анксиозноста како болест на 21-от век: Дали овој минерал навистина помага полесно да му се спротивставите на стресот?

Точка

19/09/2024

13:27

10.443

Големина на фонт

а а а

Доколку во последно време се чувствувате под стрес и анксиозност, можеби ќе бидете изненадени кога ќе дознаете дека „обичен“ минерал како магнезиум може да ви помогне да го смирите вашиот ум и да го подобрите вашето расположение.

Магнезиумот е клучен за многу функции во организмот, а исто така игра важна улога во управувањето со стресот, објаснува психологот Ану Гоел, која наведува дека анксиозноста често е поврзана со стравот и значително влијае на нашите когнитивни функции и однесување, како и тоа дека поврзаноста помеѓу нивото на магнезиум во телото и анксиозноста е докажана.


Нутриционистката Гарима Гојал додава дека суплементите на магнезиум помагаат да се намали општата анксиозност, а студијата објавена во списанието „Nutrients“ покажала ефекти во четири од осум случаи.

Како магнезиумот помага да се намали анксиозноста?

Постојат научни докази кои сугерираат начини на кои овој минерал ја намалува анксиозноста и придонесува за менталното здравје:

• Го регулира нивото на кортизол: Кортизолот е хормон на стрес кој може да влијае на развојот на депресија и анксиозноста доколку остане на високо ниво подолго време. Кога имате недостаток на магнезиум, вашето тело ослободува големи количини на кортизол, што може да влијае на другите хормони и да предизвика лошо расположение, депресија и анксиозност, објаснува Гоел.

• Ги регулира невротрансмитерите: Нашиот мозок содржи ексцитаторни и инхибиторни невротрансмитери, а одржувањето на нивната рамнотежа помага подобро да се управува со стресот и анксиозноста. Магнезиумот помага да се одржи рамнотежа и може дури и да ги зајакне инхибиторните невротрансмитери да спречат влошување на анксиозноста, вели Гоел. Студијата спроведена од „Националниот институт за здравје во САД“ наведува дека магнезиумот ги намалува нивоата на епинефрин и норепинефрин, невротрансмитери поврзани со реакциите на телото на стрес, што може да ја намали анксиозноста и да спречи напади на паника.

• Ги подобрува функциите на мозокот: Овој минерал, исто така, им помага и на оние мозочни функции кои го намалуваат стресот. Позитивно влијае на дел од мозокот наречен хипоталамус, кој е одговорен за регулирање на стресот и контрола на хипофизата и надбубрежните жлезди, според истражувањето објавено во списанието „Neuropharmacology“.


Што е недостаток на магнезиум?

Недостаток на магнезиум се јавува кога нивото на овој нутриент во телото паѓа под референтната вредност (0,75 до 1,0 mmol/L). Студијата објавена во списанието „Nutrients“ покажува дека 68 отсто од Американците и 72 отсто од Французите внесуваат помалку од препорачаните дневни количини.

Сепак, недостатокот поради лошата исхрана е доста редок, почесто се јавува како резултат на одредени медицински состојби или фактори како дигестивни или бубрежни заболувања, долготрајна употреба на одредени лекови или алкохолизам.

„Симптомите на недостаток вклучуваат гадење, повраќање, главоболка, анорексија, мускулна слабост, грчеви и тремор, ментална конфузија, промени на личноста и халуцинации – вели Гојал.


Дали недостатокот може да предизвика анксиозност?

Студијата спроведена од „Националниот институт за здравје во САД“ покажува дека недостатокот на магнезиум може да предизвика хиперактивност, хипервозбуда и анксиозност, а поврзаноста е потврдена и со неврозите.

Каде го има најмногу?

Иако магнезиумот може да помогне во управувањето со стресот, не заборавајте да се консултирате со вашиот лекар пред да земете какви било додатоци, а најдобро е да обезбедите соодветен внес преку храната.

„Оптималната количина е 440 mg/ден за мажи и 370 mg/ден за жени“, објаснува Гојал.


Намирниците богати со магнезиум вклучуваат зелен лиснат зеленчук, авокадо, темно чоколадо, мешунки, цели зрна, јаткасти плодови и семки. Овие намирници помагаат да се намали стресот и анксиозноста, како и да се подобри целокупното здравје. Исто така, оваа храна го подобрува здравјето на срцето и го регулира нивото на шеќер во крвта.

Можни несакани ефекти


Прекумерното внесување на магнезиум може да предизвика сериозни несакани ефекти како што се оштетување на бубрезите, додека други несакани ефекти вклучуваат дијареја, дехидрација, мускулна слабост, гадење, повраќање, нарушувања на говорот и двојно гледање.




Спонзорирани линкови

Маркетинг