Идил Билген (24) е новата Мис Турција и ќе ја претставува својата земја на изборот за Мис на светот, кој ќе се одржи на почетокот на 2025 година.
По победата на изборот, нејзините фотографии се проширија на социјалните мрежи, но многумина во коментари напишаа дека Идил не заслужила да победи, дека изборот бил наместен и ја исмевале поради нејзиниот изглед.
„Сестро, можеш да продолжиш да мислиш дека си убава, цела Турција ја знае вистината“, „Ако таа е Мис, тогаш јас можам да се кандидирам за претседател“, „Навистина не сакаме таа да нè претставува на светскиот натпревар“ , „Извини, но подобро да земевте некоја девојка од улица“, „По сите критики почнаа да ја фотошопираат“, „Само излезете на улица, првата девојка што ќе ја видите ќе биде поубава од неа“ , се нижат коментарите на Инстаграм.
За Идил пишуваа и бројни странски медиуми. Се наведува дека натпреварот „би можел да биде наместен“ со оглед на тоа што таткото на младата Идил е амбасадор на Турција во Киев. Сепак, таа вели дека натпреварот не се однесува само на убавина туку и на други поважни работи како интелигенција. Таа се надева дека ќе ја одбрани титулата и ќе докаже дека заслужено ја носи.
Идил по професија е докторка, а на Инстаграм ја следат 32.000 луѓе. Често објавува фотографии од приватниот живот. Откако беше крунисана за Мис Турција, младата докторка рече: „Многу сум возбудена и среќна. Навистина сакав да победам, но не мислев дека тоа всушност ќе се случи. Горда сум што можам да ја претставувам мојата земја на светскиот избор“.