Во Помпеја е откриена мала куќа, на чијшто ѕид се пронајдени еротски фрески. Ова откритие докажува дека жителите на старо римскиот град, кој бил уништен како резултат на вулканска ерупција во 79 година од нашата ера, имале склоност кон сензуални уметнички дела.
Новите ископувања открија ѕидна слика на сатир кој се весели со гола нимфа на креветот, како и слика на оскудно облечена Федра, која според грчката митологија е сопруга на херојот и кралот на Атина, Тезеј, пренесува „Тајмс“.
A small house with sensual artwork is the latest discovery in the ancient city, which was buried and preserved by the eruption of Mount Vesuvius in 79AD https://t.co/U57AZitrEe
— The Times and The Sunday Times (@thetimes) October 24, 2024
Откривањето на куќата следуваше по ископувањата кои започнаа во 2018 година, кога исто така беа откриени низа еротски фрески со фалусни симболи, за кои се веруваше дека носат богатство, плодност и среќа.
Околу една третина од Помпеја сè уште е под слој од вулкански материјал, а најновото ископување доведе до низа извонредни наоди. Фреските во куќата се богато украсени, вклучувајќи олтар насликан со змии и приказ на жртвени приноси – шишарки, јајца и смокви.
Директорот на локацијата на која се вршат ископувањата Габриел Кутригел рече дека куќата е позната по тоа што немала атриум – централен двор, типичен за римската архитектура од 6 век пр. н. е. до 2 век од нашата ера.
Тој објасни дека до вториот век од нашата ера, атриумот бил поврзан со богатите Римјани кои ги примале своите клиенти и поддржувачи во него, во делот од куќата каде што биле изложени семејното наследство, но дека куќите без атриум станале вообичаени кога „облеката и накитот почнале а бидат показател на општествениот статус“.
„Куќите без атриуми почнале да бидат избор и гледаме дека тој тренд се појавува и во Помпеја“, рече тој.