Судот во Русија пресуди дека Google мора да плати казна од околу 20 трилиони долари за блокирање на содржината на руските медиуми на платформата YouTube, а оваа сума може дополнително да се зголеми.
Оваа казна далеку го надминува глобалниот БДП, кој според проценката на Светска банка изнесува околу 100 трилиони долари.
Ова значи дека Google ќе мора да најде многу повеќе пари отколку што има моментално на Земјата за да се усогласи со овој судски налог.
Процесот против Гугл трае веќе четири години, кога во 2020 година Јутјуб го забрани каналот на ултранационалистичкиот „Царград“, како одговор на американските санкции наметнати на сопственикот на каналот. По почетокот на војната во Украина во 2022 година, беа забранети уште 17 канали, вклучително и канали како Звезда, која му припаѓа на руското Министерство за одбрана.
Поради отстранувањето на овие канали, руски суд го повика Google на одговорност според член 13.41 од Кодексот за административни прекршоци. Судот и нареди на компанијата да ги врати каналите на платформата, но Google не успеа да го стори тоа, што предизвика дополнителни правни мерки.
Казната која првично изнесуваше 100.000 рубли дневно (околу 1.025 долари) се удвојуваше секоја недела, со што сегашната сума достигна 20 трилиони долари. Судот рече дека станува збор за „многу, многу нули“, алудирајќи на неверојатно високиот износ на казната.
Google престана со работа во Русија во 2022 година, откако властите ги замрзнаа сметките на компанијата и фактички ја прогласија за банкрот. Според претставник на Google, компанијата не очекува актуелните правни проблеми да имаат материјално значаен негативен ефект.
Иако Google се повлече од рускиот пазар, правните битки продолжуваат ширум светот, бидејќи Русија се обидува да го заплени имотот на компанијата, засега без голем успех.