Истражувањето вели: Аспиринот може да го намали ризикот од рак на панкреас – особено кај дијабетичарите

Точка

14/11/2024

16:14

470

Големина на фонт

а а а

Редовното консумирање на аспиринот го намалува ризикот од развој на рак на панкреас за 40 отсто кај луѓето со дијабетес и за 20 отсто кај општата популацијата, покажа неодамнешната студија. Организацијата за борба против ракот „PLANETS“ ја финансираше оваа студија за која се вели дека стасала до „значајно откритие“ за лекување на еден од најлошите видови рак со оглед на ниската стапка на преживување.

Истражувачите од универзитетската болница и универзитетот Саутемптон анализирале речиси 10.000 луѓе на возраст од 37 до 73 години одбрани во периодот од 2006 до 2010 година.


Истражувачите откриле дека ризикот од развој на рак на панкреасот бил намален за 40% кај лицата со дијабетес кои редовно консумирале аспирин, и за 20% кај општата популација. Тимот истражувачи потенцира дека овие откритија се во согласност во претходните истражувања за превентивните ефекти на аспиринот врз развојот на другите видови на канцер. Студијата исто така покажала дека имало помал ризик и по две до пет години.

„Може да го блокира производството на ензими кои ги зголемуваат воспаленијата“

Портпаролот на „PLANETS“ изјави дека претходните истражувања покажале дека аспиринот може да го блокира производството на ензими кои го зголемуваат воспалението во телото и го поттикнуваат растот на клетките на ракот.

„Луѓето постари од 50 години кои ќе добијат дијабетес имаат 10 пати поголема веројатност да заболат од рак на панкреасот отколку општата популација. Иако причините за поврзаноста не се јасно дефинирани, и двете се болести на панкреасот и вклучуваат нетолеранција на шеќер“, изјави тој.


Дукталниот аденокарцином, најчестиот тип на рак на панкреасот, има петгодишно преживување и тоа од само 5%.

Според тврдењата студијата од Саутемптон, објавена во списанието „Pancreatology“ е најголемата која ја испитува поврзаноста помеѓу аспиринот и ракот на панкреасот и е прва којашто покажа дека редовната употреба на аспирин е поврзана со намалениот ризик од развој на овој тип на рак.

„Трендот на заболување од рак на панкреасот се зголемува во Обединетото Кралство но и во светот, на сличен начин како и другите видови на рак и знаеме дека постои посебна поврзаност помеѓу развојот на дијабетесот и ракот на панкреасот“, изјави Заед Хамади од Универзитетската болница во Саутемптон.

„Аспиринот делува превентивно и кај другите видови на рак“

„Оваа голема студија покажува дека редовната употреба на аспирин, кој традиционално се поврзува со намалувањето на ризикот од срцев удар или компликации на срцето, исто така може да го спречи и развојот на ракот на панкреасот“, вели Хамади.


Тој додаде дека во минатото се покажало дека аспиринот делува превентивно и за другите видови на рак, особено за ракот на дебелото црево, меѓутоа сега ова се докажа и за ракот на панкреасот.

„Она што е уште поинтересно е дека превентивниот ефект е посилен кај луѓето со дијабетес, со 40 отсто помал ризик кај таа група пациенти“, додаде Хамади.



Спонзорирани линкови

Маркетинг