Сашко Коцев за родителството и поврзаноста со ќерка си: „Таа точно знае ти колку си заљубен во нејзе и она може да ти прави што сака“

Точка

14/11/2024

20:04

1.117

Големина на фонт

а а а

Многупати сме чуле дека не сме свесни за искрена и безусловна љубов сè додека самите не станеме родители. Ролеркостерот наречен родителство ни покажува емоции за кои не сме ни биле свесни дека можеме да ги имаме и низ болка и радост секојдневно учиме како да сме повторно во училишна клупа.

Не сакаме, не можеме и не смееме да ги поделиме по важност мајката и таткото, тие двајцата се сиот свет за тие мали „суштества“ кои се плод на нивната љубов. Но, сепак, несомнено е дека постои една невидлива и толку силна конекција во односот татко-ќерка.

Тоа „партнерство“, енергија и безусловност е нешто за кое ни најдобрите светски поети не умееле да напишат дефиниција или стих.

Татковците за своите ќерки се првите херои, заштитници, оние кои секогаш ги разгалуваат и „бранат“ од нивните мајки. Она засолниште од сите бури со кои се соочуваат тие мали нежни главчиња. Една безгласна коалиција која ќе постои дур постои светот. Од друга страна, пак, татковците кои имаат ќерки од оние „мачо момци“ кои не покажувале слабост и емоции, од моментот кога ќе го земат за првпат нивното девојче во раце, па сè до крајот на нивниот живот – се менуваат засекогаш. Стануваат нежни, борбени и играњето со кукли е нивното ново секојдневие во кое уживаат.


Токму на темата родителство, за тоа како се снаоѓа тој во таа улога и што неговата ќерка претставува во неговиот живот говореше и нашиот познат актер Сашко Коцев.

„Таа точно знае ти колку си заљубен во нејзе и она може да ти прави што сака. Јас ќе ја скарам малку, а таа само ќе се сврти, ќе ме погледне и ќе дојде да ме гушне. Таа е таа конекција помеѓу татко и ќерка“, со сјај во очите зборуваше актерот.

„Ти кога ќе добиеш дете, животот твој завршува. Ти си спиеш во детска соба и тоа е тоа“, се пошегува тој, па продолжи сериозно:

„Ова сум го кажал на сите, за моментот од кој сите се плашат – леле моето дете во раце се научи – на сите парови досега сум им рекол – да не го испуштиш една секунда од раце, зашто тој период пролетува како еден миг од животот“.

Кога се отвори темата за тоа дали се сеќава на моментот кога за првпат го видел своето дете по раѓањето, актерот одговори во својот препознатлив стил:

„Јас памтам кога докторките ме викнаа да го видам моето бебе во инкубатор (го ставиле таму да се стопли инаку беше во ред) … Па, јас поружно нешто од новороденче немам видено.


Јас дотогаш немав видено друго новороденче. Ние сме навикнати од филмови, се раѓа дете и ти покажуваат 7-месечно бебе убаво. Ја чувам уште таа фотографија и тогаш сфатив дека личи на мене, сега е поубава и личи на мајка ѝ“.

Зборувајќи за поделбата на улогите околу обврските, тој нагласи дека ниту еден родител не е со предзнаење, туку едноставно сфаќаш дека тоа е твое дете и дека само ти и партнерот сте одговорни за овој „проект“.

„Не ги разбирам татковците што се изморени, тоа е еден посебен адреналин кога стануваш татко. На пример, јас додека не се роди моето дете, не сум фатил туѓо бебе во раце.

Кога дојде сестрата и праша кој ќе го бања бебето, јас се пријавив иако не сум бањал дете, но станав добар во тоа како јас да сум патронажна сестра. Едноставно сфаќаш дека не мораш, туку тоа сега е твој живот.


Јас, кога се роди ќерка ми, играв главна улога во филм и снимав претстава истовремено, па месец и пол бев на работа од 7 до 7, и се чудев од каде таа сила, кога ќе се вратам дома веќе бев спремен и за бањање и за играње и за сè што треба.

Не се фалам, тоа е едноставно така, обврска на секој родител, татко“ – сподели Коцев.

Тој беше дециден дека клучот за здрав родителски пристап е непосредноста во семејните, односно партнерските односи кога е во прашање поделбата на обврските:


„Родителството не е ексел-табела. Спонтаната организација во зависност од обврските на двајцата родители, веројатно, е некаква тајна на успехот. Природно е да ја преземам грижата околу детето кога сопругата има дежурство на работа; исто и таа кога јас сум на снимање. Не требаат потпис и печат за успешно родителство. Напротив!“ додаде Сашко.




Спонзорирани линкови

Маркетинг