Со елиминацијата на Шпанија во четвртфиналето на завршниот Дејвис куп турнир против Холандија, заврши и кариерата на Рафаел Надал. Ботич Ван Де Зандшулп ќе остане впишан како играч кој го победи Надал на збогувачкиот меч (6:4, 6:4), со што стана единствениот тенисер кој успеал да го совлада Шпанецот во поединечна конкуренција на Дејвис купот на шпанско тло.
На неговото збогување Надал порача: „Титулите, бројките се тука, така што луѓето веројатно го знаат тоа, но јас би сакал повеќе да ме паметат како добра личност од мало село во Мајорка. Имав среќа што чичко ми беше тениски тренер и тоа што имам прекрасно семејство. Бев само дете кое ги следеше своите соништа, работеше колку што беше можно за да бидам тука каде што сум денес.
Многу луѓе даваат сè од себе секој ден. Имав многу среќа во животот што имав можност да ги живеам, незаборавните искуства кои ги доживеав поради тенисот. Би сакал да бидам запаметен како дете кое постигна повеќе отколку што сонуваше. Сакам да ѝ честитам на Холандија и да се заблагодарам на целата шпански тим кој е тука, кој ми дозволи повторно да играм на Дејвис купот, кој не помина онака како што сите посакувавме. Дадов сè што имав.
Проживеав многу важни моменти од мојата кариера со оние кои се сега тука, тоа беше привилегија, постигнавме многу убави работи. Вистината е дека никогаш не сакате да дојдете до оваа точка. Не сум изморен од играње тенис, но моето тело повеќе не сака да игра и мораш да го прифатиш тоа“, изјави Надал.
Тенисот ќе го памети Надал како еден од најголемите тенисери во историјата на овој спорт. Поранешен број 1 на АТП-листата, единствениот кој беше на оваа позиција во три различни декади, Надал се збогува од тенисот со 22 Гренд слем титули, 92 освоени турнири, четири Дејвис купови и олимписко злато.
Тој остави најдлабока трага на париските земјени терени. На Ролан Гарос, турнирот пред чиишто терени од 2021 година е поставена неговата статуа, Надал победи на 112 од 116 натпревари во кариерата и го освои Ролан Гарос дури 14 пати.
Исто така освои две титули на Вимблдон и две на Австралија опен, додека е четирикратен победник на УС Опен, и има 36 титули на АТП Мастерс 1000 турнирите.