Ова е изразот на годината според Оксфордскиот речник

Точка

02/12/2024

15:39

1.311

Големина на фонт

а а а

Фразата „Brain rot“, што може да се преведе како „гниење на мозокот“, беше избрана за збор на годината на Оксфорд по јавното гласање во кое учествуваа повеќе од 37.000 луѓе и го опишува ефектот од бескрајното скролање на социјалните мрежи и содржината што го затапува умот.

Повеќе од 37.000 луѓе гласаа за да помогнат во изборот на победникот од потесната листа од шест зборови предложени од "Oxford University Press", издавач на Оксфордскиот англиски речник.

Целта на годишната награда е да укаже на расположенијата и трендовите на годината.


Што значи „brain rot“?

„Brain rot“ се дефинира како „веројатно влошување на менталната или интелектуалната состојба на една личност, особено кога се гледа како резултат на прекумерна потрошувачка на одреден материјал (особено онлајн содржина денес) што се смета за тривијален или непредизвикувачки“.

"Oxford University Press" објасни дека терминот „доби нова конотација во 2024 година како термин што се користи за изразување загриженост за влијанието на консумирањето прекумерни количини на неквалитетна онлајн содржина, особено преку социјалните медиуми“.

Иако денес добива на важност, терминот првпат е забележан во книгата „Валден“ од Хенри Дејвид Торо од 1854 година.

Каспер Гратвол, претседател на "Oxford Languages" вели: „Гниењето на мозокот укажува на една од согледаните опасности од виртуелниот живот и начинот на кој го поминуваме слободното време. Се чувствува како вистинско претстојно поглавје во културниот разговор за човештвото и технологијата. Не е изненадување што толку многу гласачи го прифатија терминот, поддржувајќи го како наш избор за годината. Исто така, фасцинантно е тоа што терминот „гниење на мозокот“ е усвоен и од генерацијата Z и од генерацијата Алфа, група млади луѓе кои во голема мера се одговорни за користење и креирање на дигитална содржина на која се однесува овој термин“.


Другите зборови

Меѓу петте преостанати зборови во потесниот избор беа „demure“ (скромно, воздржано), кое беше наметнато по трендот на социјалните мрежи ова лето, а се однесува на воздржано или одговорно однесување, потоа „динамично одредување на цена“, каде што цената на производот или услугата варира за да се одржи побарувачката (dynamic pricing), зборот „lore“, збир на факти или информации за одредена тема или знаење за одредена група што обично се пренесува од човек на човек усно , „romantasy“, нов книжевен феномен – хибриден поджанр меѓу романтични и фантастични романи, и конечно зборот „slop“, неквалитетна онлајн содржина генерирана од вештачка интелигенција.

За потесниот избор одлучуваше четиричлена комисија од експерти, со која претседаваше лексикографката Сузи Дент, најпозната по нејзините настапи на „Countdown“ на Канал 4. При изборот на победниците, "Oxford University Press" го зеде предвид јавното гласање, како и јавните коментари и други анализи пред да биде објавена конечната одлука во недела навечер.та

Меѓу неодамнешните добитници на Оксфордската награда е зборот „rizz“, скратено од харизма, кој ја однесе титулата минатата година. „Goblin mode“ беше зборот за 2022 година, а „vax“ беше победник за 2021 година од периодот на пандемијата.