„Талентираната италијанска велосипедистка Сара Пифер (19) го загуби животот во трагична сообраќајна несреќа минатата недела.
Додека тренирала на ридовите во близина на лозјата кај Тренто во северна Италија, таа загинала во судир со автомобил управуван од 70-годишен возач. Според извештајот од местото на несреќата, возачот бил заслепен од сонцето при престигнување.
За жал, несреќната Сара не преживеала. Со хеликоптер била пренесена во болница, но обидот за спасување бил залуден.
„Слушнав бучава. Се свртев и истрчав кај сестра ми. Брзо сфатив дека ништо не можам да направам. Отпрвин почувствував голема омраза кон тој возач. Потоа го погледнав во очи, видов дека чувствува срам, болка, страв. Не знаев што да правам“, изјави постариот брат на Сара, Кристијан во изјава за „Ла Република“.
Тој во тој момент тренирал со сестра му.
„Сара често велеше дека не постои почит кон велосипедистите. Таа сакаше поголема безбедност на патиштата“,додаде Кристијан Пифер.
Во Италија на секои 30 часа загинува велосипедист!
Според податоците што ги објави „Газета дело спорт“, на секои 30 часа по еден велосипедист загинува на италијанските патишта. Несреќата во која загина младиот спортист е уште една во низата трагедии и предизвика голем гнев во Италија.
„Тоа е неприфатливо. Мора да направиме нешто. Мора да го запреме овој масакр. Има премногу трагедии на патиштата, премногу смртни случаи“ изјави поранешниот светски шампион и победник на Џиро д’Италија, Франческо Мозер.
Се огласи и Кордијано Данини, претседател на Италијанската велосипедска федерација.
„Во последните години нашата федерација заедно со други организации кои ги претставуваат велосипедистите објави низа предлози од кои повеќето беа одбиени. Време е да се каже доста е “, изјави тој за "Газета".