"Aston Martin Lagonda" е едно од најконтроверзните возила во историјата на автомобилизмот. Иако беше претставен како технолошко чудо и симбол на иднината на луксузните седани, во пракса се покажа како автомобил полн со проблеми.
Визијата за иднината се претвори во катастрофа
Кога "Lagonda Series 2: беше претставена во 1976 година, "Aston Martin" сакаше да направи нешто револуционерно. Вилијам Таунс го дизајнираше автомобилот во радикален клин стил, инспириран од концептните автомобили од 1970-тите.
"Lagonda Series 2" беше опремен со 5,3-литарски "V8" мотор, кој разви моќност од 280 коњски сили. Максималната брзина на возилото беше 230 км/ч, додека забрзувањето од 0 до 97 км/ч траеше 8,8 секунди. Беше долг 5,2 метри и имаше меѓуоскино растојание од 2,9 метри. Ширината беше 1,7 метри, а висината 1,3 метри. Тежеше два тона.
Огромен проблем со "Lagonda" беше дигиталниот кокпит, кој требаше да користи тогаш напредна технологија со цврста состојба. "Aston Martin" имплементираше дигитални брзинометри, сензорски прекинувачи и копчиња на допир – што беше револуционерно во 70-тите.
Сепак, оваа технологија се покажа како многу несигурна: екраните често биле празни или прикажувале неточни информации, прекинувачите на допир не работеле, а дефектите на електронските компоненти биле речиси неизбежни. "Aston Martin" имаше проблеми и со добавувачите, кои не можеа да испорачаат сигурни компоненти.
Дополнително, развојот на електрониката чинеше приближно четири пати повеќе од проценетиот буџет за целиот автомобил. Подоцнежните верзии користеа цевки со катодни зраци (CRTs) за прикажување информации, но тие исто така беа несигурни.
"Time": 50-те најлоши автомобили на сите времиња
"Bloomberg Businessweek" ја прогласи "Lagonda" за еден од 50-те најгрди автомобили во последните 50 години, додека магазинот "Time" ја вклучи во својата листа на 50 најлоши автомобили на сите времиња, опишувајќи ја како механичка „катастрофа“ со електрониката која би била импресивна – доколку некогаш работела правилно.
Покрај проблемите со електрониката, возачите се пожалиле и на некои други потешкотии. Задните врати не се отворале доволно широко, што го отежнуваше влегувањето и излегувањето на патниците. Контролите во возилото биле нејасно означени и лоцирани на невообичаени локации, што дополнително ги збунило возачите.
На крајот биле произведени само 645 примероци.
Во 2014 година, "Aston Martin" лансираше нов модел "Lagonda" наречен "Taraf" за пазарот на Блискиот Исток, кој се продаваше исклучиво со покана.