Луј Витон денес е симбол на луксузот и француската мода, но пред 150 години тоа било само име што го користел Французин кој се преселил во Париз во потрага по работа. Витон е роден во источна Франција на 4 август 1821 година и бил многу приврзан за својата мајка. Но таа починала кога тој имал 10 години, а татко му повторно се оженил. Младиот Луј не ја сакал новата сопруга на татко му, па решил да се пресели во Париз.
Во Париз работел на различни места за да преживее, а потоа добил постојана работа во продавница која правела сандаци за патување. Тоа беше време на индустриски откритија и општеството околу Витон брзо се менувало.
Младиот Витон често му кажувал на својот мајстор дека треба да се редизајнираат сандаците за патување. Патувањето со воз станувало сè помодерно, па затоа тој сметал дека требало да се направат нови, полесни и помали сандаци кои ќе го олеснат патувањето.
На крајот Луј самиот ја дизајнирал својата идеја. Отворил сопствена продавница и почнал да се профилира како иновативен дизајнер од Париз. Неговите сандаци ги купила и сопругата на царот Наполеон III, па Витон сè повеќе соработувал со француската елита. Наскоро бил ангажиран лично да дизајнира патни торби за царицата. Од тој момент живеел многу удобно во тогаш скапиот Париз.
Меѓутоа политиката за малку ќе го чинела цела кариера. Кога избувнала војната меѓу Франција и Прусија во 1871 година, Витон останал без клиенти, а неговата продавница била ограбена. Единственото нешто што го спасило била неговата репутација, па можел да позајми пари за да се пресели на друга локација и да го обнови бизнисот. По војната, неговите чанти станувале сè помали и помали, а подоцна го дизајнирал и својот препознатлив мотив – беж платно со црвени риги.
Луј Витон починал во 1892 година и ја оставил продавницата на својот син. Неговиот син се покажал како успешен претприемач и го популаризирал брендот надвор од границите на Франција, особено во САД каде што бил многу ценет на почетокот на 20 век.
Денес Луј Витон е еден од најпрепознатливите француски модни брендови. Луксузните чанти на Витон станаа знак на престиж, а компанијата стана светски позната. Денешното раководство успешно ги балансира старите традиции и иновации, исто како и самиот Луј.