Консеисао за критичната атмсофера на „Сан Сиро“: Првпат доживувам вакво нешто во фудбалот

Дерби

03/03/2025

11:26

311

Големина на фонт

а а а

Италијанските медиуми ја оценија атмосфера на „Сан Сиро“ како критична после се она што се случи изминатава вечер во Милано, започнувајќи со 15-минутниот протест на тифозите, продолжувајќи со жестоките навреди кон управата на клубот и претседателот Кардинале, а завршувајќи со свирежи и за самите играчи од кои бараат да го заслужат дресот кој го носат.

Цела оваа епизода беше влошена по примениот гол од Лацио во 98-та минута кој означи пораз од 1:2, па сега Милан падна дури на деветтото место на табелата во Серија А.

Сержо Консеисао исто така беше исвиркан за неколку измени што ги направи, а откако неговиот тим претрпе и трет пораз во низа во Серија А, искусниот португалски стручњак призна дека никогаш не доживеал толку лоша атмосфера за еден домашен тим како вчера на „Сан Сиро“.

– Ова не е лесен момент за никој во клубот и сите го знаеме тоа. Играчите го чувствуваат сето она што се случува околу клубот. Има само еден начин да се излезе од ова, а тоа е напорна работа. Треба да покажеме гордост кон боите кои ги носиме и да дадеме се од себе за да излеземе од оваа ситуација.

– Постојано зборувам за истото. Имаме премалку време за да извежбаме некои тактички варијанти, а атмосфера како оваа не сум доживеал никогаш во мојата кариера. Првпат искусив вакво нешто откако сум во фудбалот, – изјави Консеисао, алудирајќи на протестите од тифозите кои влегоа на стадионот со 15-минутно доцнење, а кои во продолжение го искажаа незадоволството на разноразни начини.

– Бев професионален играч и добро знам како е да сте во копачките на играчите. Во тие моменти, копачките ви тежат и ви изгледа како да горат. Ако еден пас или дриблинг не пројде добро, копачките горат уште повеќе. И покрај се, задоволен сум што покажавме карактер, успеавме да израмниме со 10 играчи и имавме шанси за втор гол пред да дојде доцниот пенал за нив. Играчите ми даваат позитивни одговори на тренинг, веруваат во тоа што го прават, но целата ситуација околу клубот е тешка од стартот на сезоната и тоа ги прави работите уште посложени, – изјави Консеисао.