Кевин Де Брујне вчера го одигра последното манчестерско дерби во Премиер лигата како член на Сити, откако пред неколку дена самиот Белгиец најави дека ги игра последните два месеци како член на тимот кој го води Пеп Гвардиола.
После десет незаборавни сезони од „Итихад“, Кевин ќе си замине од Премиер лигата како еден од најдобрите играчи во историјата на ова натпреварување, а говорејќи на оваа тема, Џејми Карагер го смести на второто место на вечната листа кога се странските фудбалери во прашање.
Легендата на Ливерпул потенцира дека Де Брујне ја правел главната разлика во тесните шампионски битки меѓу Гвардиола и Клоп, но сепак верува дека на вечниот поредок е едно скалило пониско од непотворливиот Тјери Анри.
– За мене, Кевин беше најдобриот играч во Премиер лигата во последните четири или пет години. Покрај Тјери Анри кој е на првото место, Де Брујне е вториот најдобар странски играч кој некогаш заиграл во Премиер лигата.
– За Кевин секогаш ќе има место во мојот историски тим во Премиер лигата, тој е еден од најдобрите кои истрчале на терените во Англија. Кога Ливерпул и Сити водеа грчевити борби за титулите, тој ја правеше разликата. Ливерпул му парираше на Сити на секоја позиција, освен на онаа на која играше Кевин. Сити беше подобар за поен или два само поради разликата која ја правеше Де Брујне, – заклучува Карагер.