Григор Димитров одигра брилијантен тенис во осминафиналето на Вимблдон и целосно го надигра Јаник Синер, но иако беше на еден сет од сензација и четвртфинале, Бугаринот го напушти централниот терен во Лондон со солзи во очите.
Причина за тоа беше повредата која ја заработи при еден сервис во пределот на рамото, па од силната болка и акумулираниот стрес, Димитров не можеше ниту да ја подигне раката во обидот да се поздрави со главниот судија.
Овие сцени не оставија никого рамнодушен во Ол Ингланд клубот, а два дена по непријатните сцени, пристигна информација за точниот проблем кој настанал.
Како што пренесе менаџерот на Димитров, Георги Стоименов, Бугаринот заработил парцијално кинење на пекторалниот мускул (големиот граден мускул), па поради тоа немал никаква шанса да продолжи и да го доигра мечот со Синер.
Поради тежината на повредата, Димитров ќе мора да паузира цели два месеци и ќе ја пропушти цела увертира за Ју-Ес Опен, но планот на Григор е да биде подготвен и да си ја проба среќата на американскиот грен слем.